• среда, 18 декември 2024

Пратениците расправаа за изборот на уставни судии, седницата ќе продолжи во 15 часот

Пратениците расправаа за изборот на уставни судии, седницата ќе продолжи во 15 часот
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Во Собранието денеска продолжи 88. седница со дебата за избор на Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева за членови на Уставниот суд. Пратеничката Јадранка Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека има лоша постапка за избор на уставни судии, се дава партиски пристап на изборот и кандидатите уште не влезени во Уставен суд, како што рече, веќе партиски се обојуваат. Според неа, не се дава поддршка на квалитетот и капацитетот на кандидатот, туку се дава поддршка на партиски послушници и судии подобни на власта. Таа се осврна на образованието и на работното искуство на кандидатот Фатмир Скендер и рече дека за него нема афери и скандали. Посочи дека нема објавено трудови, книги и стручни трудови, туку само учествувал на стручни обуки на различни теми, нема докторат и затоа неговото место не е во Уставниот суд. Поцкова направи споредба со кандидати за уставни судии кои беа предложени од опозицијата и не добија поддршка од членовите на собраниска Комисија за прашања на изборите и именувањата. Соопшти дека тие се истакнати правници, со докторати, со објавени дела, стручни трудови, книги, кои оставиле печат во правото и во правосудството. Тоа се Славо Климовски, Родна Живковска, Тодор Витларов... Пратеникот Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците на Македонија реплицирајќи на Поцкова рече дека и во текот на вчерашниот ден во расправата за Фатмир Скендер како да се сака, како што рече, да се даде впечаток дека кандидатот е анонимен. -Можеби досега не беше во центарот на вниманието на јавноста поради тоа што повеќе бил концентриран да ја врши совесно и професионално должноста. За неговата стручност веројатност треба да ги прашаме граѓаните кои имале потреба од неговата праведност, потенцира Иљас, додавајќи дека се доказ и се важни и оценките на Судскиот совет кои со години не се менувале, а секогаш бил оценуван со оцена „многу добар“. Според пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлуката со која се избрани уставните судии е незаконска. Посочија на Извештајот на ЕК каде, како што велат, за избор и именување на уставен судија се бара стручност и компетентност, а не изборот да се заснова на политичка основа. Според нив, секој состав на Уставниот суд е се полош место подобар, нужни се реформи во Уставниот суд, потребни се биографиите на кандидатите, истакнати правници, како и да се дебатира... Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, потенцираа дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат добро за државата и демократија, не сакаат да функционира судството и зад себе имаат, како што велат, голем криминален багаж. Според нив, целта на ВМРО-ДПМНЕ е да предизвика општа криза во државата, како парламентарна криза, политичка криза и сега сакаат да се предизвикаат и уставна криза. Мартин Костовски од СДСМ рече дека како парламентарно мнозинство ќе направат се за да дојде до избор на уставни судии и да функционира државата. Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците рече дека ако малку повеќе се следат активностите на турската заедница во земјава и турските медиуми, ќе се знае кој е Фатмир Скендер и порача да не се игнорираат претставниците од турската заедница. Фатмир Скендер, како што рече, не е избран судија од Никола Груевски или од страна на некој друг политичар, тој е избран за судија во 2014 година. Ибрахим истакна дека Фатмир Скендер е правник, судија, активист за човекови права и додаде оти се борел за да се оствари правото за настава на турски јазик во земјава. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека најголем проблем е тоа што три дена во Собранието не слушнале од пратениците од владејачкото мозинство за постапката за избор на уставните судии. Укажа дека собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата почнала на 7 јуни 2021 година и имало несогласувања за кандидатите за уставни судии, потоа имало застој до 13 август 2022 година или 10 месеци Комисијата не заседаваше, а предлози за уставни судии немаше. -За денеска, во моментов додека го зборувам ова некој да држи прес-конференција во прес-центарот на Собранието и да каже нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да предизвика уставна криза, рече Мицевски. Ја обвини власта што 10 месеци на допис од Судски совет не се организирала да поднесе барање за уставни судии и што, како што рече, 10 месеци не работевме, не беше свикувана Комисијата од страна на власта, а одговор ќе дадете вие. Според него, власта не сака да слушне за состојбата во судството во целина и додаде оти 92 отсто од граѓаните немаат доверба во судството. Потпретседателот на Собраниетио Горан Мисовски даде пауза за ручек до 15 часот. мд/ац/

   

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан