• среда, 27 ноември 2024

Пратениците Карапејовски и Крмов на седница на Форум на млади парламентарци

Пратениците Карапејовски и Крмов на седница на Форум на млади парламентарци

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Во рамките на 149. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 13 до 17 октомври во Женева, пратениците Бобан Карапејовски и Борислав Крмов учествуваа на седницата на Форумот на млади парламентарци.

Како што информира собраниската прес-служба, на оваа седница, меѓу другото, се дискутирало и за темата на генералната дебата на Собранието на ИПУ: „Искористување на науката, технологијата и иновациите (НТИ), за помирна и одржлива иднина“, од младинска перспектива.

-Во текот на дебатата, Карапејовски истакна дека од младинска перспектива, централни прашања се како да се обезбеди науката, технологијата и иновациите да се користат во полза на сите членови на општеството, особено оние најранливите, и како да се ублажат ризиците поврзани со технолошкиот напредок за заштита на демократските институции, човековите права и владеењето на правото. Според Карапејовски, технологијата нуди огромни можности за напредок, но, исто така, може да ги влоши постојните нееднаквости, доколку погрешно се управува со неа. Парламентарците мора да обезбедат инклузивен пристап до придобивките од технологијата, а тоа бара не само инвестиции во дигиталната инфраструктура, туку и образование, обука и поддршка за младите да учествуваат во глобалната економија на знаење, се наведува во соопштението. 

Тој оценил дека особено загрижува како вештачката интелигенција може да влијае на демократските процеси и навел дека од суштинско значење е парламентите ширум светот да преземат проактивни чекори за регулирање на вештачката интелигенција на начин што ќе ги балансира иновациите со етичките грижи.

-Парламентите треба да усвојат легислатива што гарантира дека технологиите за вештачка интелигенција се користат одговорно и ги штитат индивидуалните права на приватност и ја спречуваат дискриминацијата, наведува собраниската прес-служба за излагањето на пратеникот. хс/са/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија 
 

Остани поврзан