• петок, 20 декември 2024

Пратениците во 23 часот ќе ја продолжат седницата за реконструкција на Владата

Пратениците во 23 часот ќе ја продолжат седницата за реконструкција на Владата

Скопје, 22 февруари 2023 (МИА) - Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното продолжение на собраниската седница за реконструкција на Владата ги повторија своите ставови дека се пазарење за лични интереси и кадровски политики. Тие повторија дека не добиле образложение зошто тројцата министри од Алтернатива се сменети. За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најдобро е да се оди на предвремени избори со цел, како што истакнаа, народот да го каже своето мислење.

На седницата се расправа за разрешување на министерот без ресор за дијаспора Џемаил Чупи од Алтернатива, откако нa претходните заседанија беше заокружена дебатата за разрешување на неговите сопартијци, министрите за здравство Беким Сали и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, кои ќе бидат заменети со кадри од новиот коалициски партнер - Алијанса за Албанците.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека перцепцијата што оваа влада сака да ја изгради е дека создава некаков сојуз за Европа.

-Ова е сојуз за три министерства, и за 25 директорски места. Тоа е цената на оваа нова коалиција. Нема никаква врска ни со Европа, ни со интеграции, ни со кои други принципи се работи за функционерски позиции кои партијата Алијанса смета дека во следниот период ќе и бидат корисни за партијата и за партиските функционери, не верувам дека имаат план да ги искористат во полза на народот, рече Милошоски.

Неговиот сопартиец Бране Петрушевски за разрешувањето на министерот без ресор за дијаспора Џемаил Чупи од Алтернатива, рече дека тој ништо не сработел дополнително за дијаспората, и ги праша министрите од власта и премиерот дали ние имаме дијаспора во Бугарија и во Македонија.

-Кој ќе биде носител на Акцискиот план за соработка со дијаспората во 2023. Акцискиот план има сериозни точки што се однесуваат на зачувување на културниот идентитет на македонската дијаспора, а сериозни точки на зачувување на дијаспората и на дел од албанската, српската, бошњачката што живее и потекнува од Македонија. Дали со ваквиот чекор се откажале од дијаспората од сите народи што живеат во Македонија. Дали некој од вас може да каже до каде е подготовката на Законот за дијаспора на Македонија. До каде е собраниската група за соработка со дијаспората и кои активности ги презеде, праша Петрушевски.

Ѓорѓија Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека министерот за дијаспора не сработил ништо и можеби е оправдано да биде разрешен, но, рече, ако гледаме како се реконструираат министрите, мислев дека владата, колегите пратеници од СДСМ ќе дадат можност да има нови избори. -Но тоа не се случи затоа што приоритет на оваа Влада на СДСМ и ДУИ е грабежот, не се приоритет граѓаните, кој и да влезе во оваа влада таа ќе биде иста онаа влада што ништо не испорача во овие шест години, рече Сајковски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, обвини дека власта не може да направи и реновирате болници, ниту хигиената не може да ја држи.

-Има хакиран систем во ФЗО, протестира здравството и оној медицински персонал кој некако останал во државава ќе го избркате.  Зошто не најде премиерот време да потпише средства за лекот за болните од цистична фиброза? Заради трошењето време на пазарлак со партиите, кој ќе добие фотелја, тој не најде време за овие луѓе кои му протестираа пред владата, рече тој.

Нагласи дека оваа реконструкција, овој пазар ова лицемерие не е ништо друго освен купување на време, купи ден помини влада, обвини Ристески.

На овие обвинувања премиерот Димитар Ковачевски рече дека за време на мандатот на оваа Влада, пензиите се зголемени, минималната плата е зголемена, откупната цена на тутунот е најголема досега, просечната плата над 34.000 денари, преземени се 760 милиони евра антикризни мерки, со што, како што рече, граѓаните плаќаат петпати помала цена за струја поиради субвенциите, во земјоделството ги вратиле долговите...

-Во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше власт минималната плата беше 8.000 денари сега е 18.000 денари. А од март ќе стане над 20.000 денари. Пензиите ги зголемивме за 10%, сега ќе има уште едно зголемување во март. Погледнете ја просечната плата кога во време на ВМРО-ДПМНЕ беше едвај 20.000 денари а погледнете ја денеска просечната плата, над 34.000 денари, рече претседателот Ковачевски.
 
За евро-обврзницата Ковачевски рече дека е за рефинансирање на евро-обврзницата којашто ВМРО-ДПМНЕ ја зема за стиропор, палми и споменици во Скопје
 
-Ако сакате да видите што е направено со тие пари, дојдете во зградата на владата да видите како стиропорот се распаѓа, рече Ковачевски.
 
На дневен ред на 104-тата седница се и назначувањата на новите министри - Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министер за животна средина.

На оваа седница треба да бидат разрешени и замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици.

На стартот на седницата што почна на 13 февруари, беа констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу. нд/са/

Остани поврзан