• четврток, 26 декември 2024

Пратеникот Петрушевски поднесе претставка против судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово

Пратеникот Петрушевски поднесе претставка против судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово, Бране Петрушевски, кој пред неколку дена на социјалните мрежи објави дека бил осуден за став искажан на собраниска говорница, денеска поднесе претставка до Судскиот совет против судијата Неџат Мемети од Основниот суд Куманово. 

 - Неџат Мемети противуставно, противзаконски и против пресудите кои што ги има како пракса и во Република Македонија и во Европскиот суд за човекови права осуди пратеник за јавно искажан збор од собраниска говорница, изјави Петрушевски.

Петрушевски, во изјава за медиумите пред зградата на Судскиот совет, рече дека денеска, покрај тоа што не се уважува идентитетот на еден опозициски пратеник, сведоци сме и на осуда на новинари за критичка мисла, како и на, како што нагласи, сериозен извештај со сериозни критики од Европската комисија токму во делот на правосудството и секојдневни пресуди коишто стигнуваат од Европскиот суд за човекови права за противправно постапување на македонските судови.

 - Барам од Судскиот совет сериозно да ја разгледа оваа претставка и на ваквите судии не им е место во македонските судови. Ако се дрзнал вака да осуди пратеник може само да се замисли како им суди на граѓаните во Република Македонија, нагласи Петрушевски и ја искажа својата благодарност за поддршката која во изминатиов период ја добил од граѓаните на нашата држава, како и на принципиелниот став и однос којшто го имала стручната правна фела во однос на случајот.

Бране Петрушевски на 11 ноември на социјалните мрежи објави дека бил осуден за став искажан на собраниска говорница, додавајќи дека ова е првпат во историјата на плурализмот во нашата држава пратеник да е осуден за став. Во пресудата, како што вели, е наведено дека пратеникот во својот говор го омаловажил колегата пратеник од редовите на СДСМ, Мартин Костовски и му ја повредил честа. сан/аа/

Фото: ВМРО - ДПМНЕ

Остани поврзан