• среда, 25 декември 2024

Пратеникот на папата во Москва разговараше за сите хуманитарни прашања во Украина

Пратеникот на папата во Москва разговараше за сите хуманитарни прашања во Украина

Москва, 3 јули 2023 (МИА) - Папскиот пратеник, кардиналот Матео Зупи, изјави дека неговата вчерашна мисија на Москва во врска со војната во Украина била фокусирана на хуманитарни прашања и не вклучува никакви дискусии за мировниот план.

Папата Франциск во мај побара од Зупи, шеф на италијанската бискупска конференција, да спроведе мировна мисија за да се обиде да помогне да се стави крај на војната во Украина.

Кардиналот до вчера, неколку дена, беше во Москва и се сретна со еден од советниците на претседателот Владимир Путин, Јуриј Ушаков, и со поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил. Претходно во јуни тој го посети и Киев каде разговараше со претседателот Володимир Зеленски.

Сите состаноци „беа важни, особено во хуманитарните аспекти, на кои се фокусиравме. Нема мировен план, нема посредување“, изјави Зупи за државната телевизија РАИ.

„Постои голема желба да се запре насилството и да се спасат човечки животи, почнувајќи од заштитата на малите деца“, рече тој и додаде дека во наредните денови ќе се сретне со папата Франциск за да разговара за исходот од средбата што ја имал.

Говорејќи му пред три дена на верскиот пратеник на Константинополскиот патријарх, папата Франциск кажа дека на војната во Украина нема да и се гледа крајот се додека неговиот мировен пратеник не ги заврши тридневните разговори во Москва.

Истиот ден во соопштението на Ватикан се наведува дека посетата е „со цел да се препознаат хуманитарните иницијативи кои можат да го отворат патот кон мирот“. 

Папата Франциск постојано повикува на прекин на руската инвазија на Украина, која уништи украински села и градови, предизвика смрт на десетици илјади луѓе и протера милиони од нивните домови.

За време на неговата редовна неделна проповед папата ги повика верниците да продолжат да се молат за мир, „дури и во текот на летото, а особено за украинскиот народ“. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан