• четврток, 19 декември 2024

Празнично сослужение во Пјаченца

Празнично сослужение во Пјаченца
Дебар, 1 ноември 2022 (МИА) - Архимандрит Доситеј од Бигорската свештена обител денеска  сослужуваше на светата литургија во храмот на Свети Апостол Вартоломеј и на  Свети Прохор Пчински во Пјаченца, Италија.
- По покана на неговото високопреосвештенство, митрополитот европски г. Пимен и со благослов на нашиот почитуван надлежен митрополит Дебарско-кичевски неговото високопреосвештенство г. Тимотеј и на нашиот старец преосветениот епископ г. Партениј Антаниски, бигорскиот собрат архимандрит Доситеј денеска сослужуваше на светата литургија во храмот на Свети Апостол Вартоломеј и на Свети Прохор Пчински во градот Пјаченца, Италија, изјави за МИА отец Кирил.
Додава дека митрополитот г. Пимен го поканил отец Доситеј по повод споменот на преподобниот Прохор и храмовата слава на нашата православна заедница во северна Италија.
Заедно со владиката и со архимандритот, во присуство на многу верници сослужуваа и протојереј Климент – старешина на храмот, протојереј-ставрофор Григориј од Православната црква на Романија и протојереј Горан Мантароски – свештенослужител во Лозана и Тринген.
На  литургијата присуствуваа и градоначалничката на Пјаченца, Катја Тараскони и македонскиот конзул во Италија, Стојан Витанов.
- Во своето празнично слово, митрополитот г. Пимен се осврна на прекрасното и поучно житие на преподобниот Прохор Пчински и земајќи го за пример неговиот свет живот и подвиг, повика да живееме во христијанско единство, да не ги мразиме и гониме нашите непријатели, па дури ни така да ги нарекуваме. Напротив, ние како Христови следбеници сме должни да имаме прошка и љубов кон сите луѓе, вели отец Кирил.
Архимадритот Доситеј, јавно се заблагодари за поканата и сослужението од име на г. Партениј и му подари на митрополитот изобразба на Витлеемската икона на Пресвета Богородица, донесена токму оттаму, а во чест на првото сослужение во Светата земја на архиереј на Охридската Архиепископија по повеќе од два и пол века.
- Архимандрит Доситеј ги поучи верниците дека нашиот основен генетски код е Православието и затоа треба да знаеме и да го чуваме. Тој, исто така, истакна дека Црква не се само храмовите, туку, пред сѐ, верниците собрани околу својот Епископ, бидејќи, според зборовите на Св. Кипријан Картагински, „каде што е Епископот, таму е Црквата“, нагласи отец Кирил. вт/

Остани поврзан