Правосудството не е единствениот одговор на родовото насилство, но дава можност на лицата што го преживеале да добијат правда
- Прашањата на родовата рамноправност, на насилство во сите облици и фемицидот како најфлагрантно кршење на правото на живот и праксата и стандардите на Европскиот суд за човекови права и одговорот на правосудството во земјите од регионот на овие проблеми ќе бидат во фокусот на Третиот правосуден форум за родова еднаквост и правосудството во Западен Балкан, кој се одржува денеска во Скопје, во пресрет на одбележувањето на 75-годишнината од Европската конвенција за човековите права.

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Прашањата на родовата рамноправност, на насилство во сите облици и фемицидот како најфлагрантно кршење на правото на живот и праксата и стандардите на Европскиот суд за човекови права и одговорот на правосудството во земјите од регионот на овие проблеми ќе бидат во фокусот на Третиот правосуден форум за родова еднаквост и правосудството во Западен Балкан, кој се одржува денеска во Скопје, во пресрет на одбележувањето на 75-годишнината од Европската конвенција за човековите права.
-Денеска ја имаме таа можност да разговараме сите за родово базирано насилство, но не само со моите колеги и судии и од Судот во Стразбур, туку и со локалните колеги. Европскиот суд за човекови права воспостави развиена судска практика за заштита на родовата рамноправност, заштита од насилство во сите облици и од фемицид како најфлагрантно кршење на правото на живот. Ние во нашата јуриспруденција развивме значајни принципи кои државите - договорните страни потписнички треба да ги применуваат. Нивната примена лежи првенствено на националните судови, а сензибилизацијата на целото општество е да ги разберат тие стандарди оти тие произлегуваат од заедничките вредности кои сите ние ги споделуваме, вели потпретседателката на Европскиот суд за човекови права, судијката Ивана Јелиќ на прес конференцијата пред почетокот на форумот.
Основна задача на ЕСЧП, додаде таа, е да ја толкува и спроведува Европската конвенција за заштита на човековите права и тој бара од сите земји потписнички да имаат свои законски рамки и од друга страна да имаат воспоставено оперативни превентивни процедури, но и сите можности за спроведување на ефективни истраги во ваквите случаи. Таа при тоа посебно напомена дека иако зборуваме цело време за родова еднаквост и родово базирано насилство, всушност ние зборуваме за општи човекови права и ова се однесува и на двата пола, и на мажите и жените, и на родовите, иако во овој регион акцентот се дава повеќе на заштитата на жените.
- На овој веќе трет ваков правосуден форум за родова еднаквост на регионот во ЗБ, постигнуваме континуитет во прогресивното бавење со главната тема преку пратење на јуриспруденцијата на ЕСЧП, на проблемите во регионот и воопшти на сите проблеми кои се однесуваат на родово базирано насилство, родова рамноправност, а кои директно се поврзуваат со владеење на правото, и се надеваме дека ќе продолжиме и во иднина, рече судијката Јелиќ.
Билјана Брејтвеит, програмска директорка за Западен Балкан во АИРЕ Центарот кој е еден од организаторите на овој форум, истакна дека правосудството не е единствениот одговор на родовото насилство, но сепак тој игра многу важна улога бидејќи им дава можност на лицата што преживеале родово насилство да бараат и да ја добијат својата правда, а исто така во случаите на фемицид и на оние издржувани лица односно лицата членови од тоа семејство и тие да добијат право и заштита.
- На нас ни останува да разгледаме да направиме едно сумирање на се што сме постигнале во меѓувреме, но исто така и да ги оцениме сите овие резултати, бидејќи знаеме дека законите не се доволни и не можат да постигнат се, туку треба да се види точно како тие закони се применети на терен. Сакаме да кажеме дека ние мора да ја повториме онаа гласна порака дека родово базираното насилство не е прашање на култура, туку дека станува збор за криминално кривично дело. Значи на оваа тема ќе разговараме и ќе видиме што се сме направиле со сите учесници во овој тн. еко систем, започнувајќи од социјалните работници, потоа преку полицијата, преку обвинителите и судиите. Особено сега во предвечерието на 8 март да порачаме дека мора да се стави посебен акцент и приоритет на ова прашање, рече Брејтвеит нагласувајќи ја улогата на медиумите, пред се во подигнувањето на јавната и алармирање на самото општество за овој проблем кој што треба да се искорени.
Даниел Филер, заменик-шеф на Мисијата на Британската амбасада во Северна Македонија посочи дека од овој настан се испраќа силна порака дека правдата треба да биде задоволена и правдата да им служи на сите. Родовата еднаквост не претставува само социјално прашање, таа е истовремено и правно прашање, прашање на заштита на човековите права, на владеењето на правото.
- Сите знаеме и свесни сме дека законите сами по себе не се доволни. Напредокот што се постигнува се мери не само преку законодавството, туку исто така и преку самата реалност, се мери преку спососбноста на жената да бара и да добие правда без таа да има каков било страв. Се мери исто така и преку можноста на нивното право да бидат сослушани, се мери преку способноста на системот да заштити наместо повторно да ги трауматизира, потенцира Филер.
Форумот е организиран од АИРЕ Центарот (AIRE Centre), во партнерство со Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и Британската амбасада во Северна Македонија. Форумот ги обединува домашните и меѓународните судии, обвинители, владини претставници и правни експерти со цел да дискутираат за улогата на правосудството во справувањето со родово-заснованото насилство и фемицидот. вг/лв/
Фото: МИА