• среда, 18 декември 2024

Правничката Телалиан од Грција нова шефица на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ

Правничката Телалиан од Грција нова шефица на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ

Атина, 6 декември 2024 (МИА) – Правничката Марија Телалиан, долгогодишна раководителка на правната служба на Министерството за надворешни работи на Грција е избрана за шефица на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ, соопштија од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, вчера откри дека земјата ќе ја добие конкретната позиција откако во мај годинава со неговиот турски колега поднеле заеднички предлог за две од четирите важни позиции на Организацијата.

Од грчкото МНР денеска соопштија дека „по повеќемесечни систематски консултации, 57-те земји-учеснички на ОБСЕ постигнаа договор за избор за тригодишен мандат на нејзините органи“.

-Особено клучната позиција шеф на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ја презема угледната правничка Марија Телалиан, долги години раководителка на правната служба на Министерството за надворешни работи. Канцеларијата на ОДИХР претставува независно тело кое ги следи изборите во земјите-членки, предлага измени во соодветното законодавство и дава препораки за зајакнување на заштитата на правата, за борба против дискриминацијата и за зајакнување на демократските институции, соопштија од грчкото МНР.

Додадоа дека едногласниот избор претставува „порака со голема симболика и од особено политичко значење за зајакнување на активностите на ОБСЕ“.

-Грција, со конзистентна и силна надворешна политика на принципи, уште повеќе го проширува својот меѓународен дипломатски капитал, посочија од Министерството за надворешни работи на Грција.

Шефот на грчката дипломатија во изјава за државната телевизија ЕРТ вчера рече дека „грчката кандидатура беше единствената што собра едногласност во Постојаниот совет на постојани претставници“ и дека конечната одлука ја очекуваа денеска. ср/рп/

Остани поврзан