• недела, 24 ноември 2024

ПП на Петков и Василев се „зачлени“, па се „отчлени“ од групата Да ја обновиме Европа 

ПП на Петков и Василев се „зачлени“, па се „отчлени“ од групата Да ја обновиме Европа 

Брисел, 9 ноември 2023 (МИА) - Бугарската владејачка партија Продолжуваме со промената (ПП) на Кирил Петков и Асен Василев беше наведена на официјалната веб страница на европската либерална групација Да ја обновиме Европа (РЕ) како нејзина членка, но набрзо името на партијата беше отстрането од сајтот. Од ПП посочија дека станувало збор за грешка.  

Партијата соопшти дека е посветена на проширување на своето политичко присуство во Бугарија, како и на мисијата земјата да „заземе водечко место во ЕУ“, па од таму е во постојан контакт со потенцијалните европски партнери. 

- Во моментов партијата не е членка на ниту една европска структура, а кога ќе дојде до промена на тоа, ќе биде официјално објавено. За тоа ќе одлучи Националниот совет на Продолжуваме со промената, а засега нема таква одлука, се вели во партиското соопштение. 

Инаку, актуелниот бугарски премиер Николај Денков, кој е член на ПП, пред заседанијата на Европскиот совет, учествува на средбите на лидерите на партиите од Да ја обновиме Европа (РЕ). Ваквата пракса потекнува од времето кога бугарски премиер беше Петков и кој пред самитите на ЕУ, присуствуваше на лидерските средби на РЕ на покана на францускиот претседател Емануел Макрон, чија партија Ренесанса е најбројна меѓу членките на оваа либерална групација.  

Лани во мај Петков соопшти дека ПП добила покана за членство во РЕ, но дека проблем за нејзиното зачленување е што членка на оваа групација е бугарското Движење за права и слободи (ДПС), чиј парламентарен лидер Дељан Пеевски е под санкции согласно законот „Магнетски“, кој и овозможува на американската Администрација да санкционира странски владини претставници осомничени за кршење на човековите права со замрзнување на нивните средства и имот во САД и забрана за влез во земјата. 

Инаку, ДПС е членка и на паневропската Партија на алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), која е дел од РЕ и на чија лидерска средба во јуни годинава присуствуваше и бугарскиот премиер Денков. сп/

Фото. МИА Архива

Остани поврзан