• среда, 25 декември 2024

По 20 години се возобновува детскиот фестивал „Весело штурче“

По 20 години се возобновува детскиот фестивал „Весело штурче“
Штип,13 април 2022 (МИА) - Фестивалот на песни за деца „Весело штурче“ се возобновува по дваесетина години. Директорот на фестивалот „Весело Штурче“, Филип Стефановски вели дека целта е децата да се едуцираат за музичката култура и да ја искусат работата во студио и на сцена, со што столбот ќе се зацврти од мали нозе. Дополнително, фестивалот се очекува да придонесе за задоволување на потребата за нова музика и нови автори. Во моментов актуелни се два конкурса, кои се за учесници и автори, а кои ќе важат до 1 јуни годинава. - Пред два дена, на 11 април се распишаа два конкурса. Првиот конкурс е конкурс за учесници од 6 до 12 години, каде што пријавувањето се врши на официјалната веб-страна veselosturce.mk. На страницата има пријава за учесници и таму се пишува име и презиме, телефонски број, возраст на детето и сите тие пријави ќе стигнат до нас. Тој конкурс важи до 1 јуни 2022 година, по што ќе бидат известени за место и време за аудиција. Сите кандидати мора да поминат на аудиција за да ги одбереме вистинските таленти коишто ќе настапат на „Весело штурче“, информира Стефановски. Уметничкиот совет и организациониот одбор кои ќе ги спроведат аудициите ќе патуваат низ градовите од кои има пријавени. Предност ќе се даде и на нови автори на музика и текст, кои може да се пријавуваат на вториот конкурс. -Вториот конкурс е конкурсот на автори кои исто така се пријавуваат на официјалната веб-страна, каде што има име и презиме на автор, наслов на композиција и се наведува дали тој автор е автор на текст, на музика или на целосна композиција. Има поле за прикачување на текст, што значи дека авторите се должни да достават читко напишан текст, нотен запис со акорди, мелодиска линија и демо снимка. За сето тоа има можност да се прикачи на веб-страната. Тој конкурс исто така важи до 1 јуни, додава Стефановски. Фестивалот ќе биде од ревијален карактер, а ќе се реализира во втората половина на септември. Како организатор на фестивалот се јавува Здружението за култура, уметност и наука, кое поддршка има и од Стојан Троицки, долгогодишниот директор и основач на „Макфест“. вдј/цр  

Остани поврзан