• недела, 24 ноември 2024

По 17 дена потрага по земјотресот, најдено живо лице во Кина

По 17 дена потрага по земјотресот, најдено живо лице во Кина
Пекинг, 23 септември 2022 (МИА) - Лице кое се водеше како исчезнато 17 дена по земјотресот во кинеската југозападна провинција Сечуан, пронајдено е живо, јавија дел локални медиуми. Работникот во хидроцентрала Ган Ју се водеше како исчезнат по земјотресот со јачина од 6,8 степени по Рихтер, што го погоди Сечуан на 5 септември. Тој е пронајден жив, но повреден, од страна на локален жител. Во земјотресот загинаа 93 лица, а стотици се здобија со повреди. Ган и неговиот колега Луо Јонг на 5 септември останале кај хидроцентралата Вандонг. Тие сакале да им пружат прва помош на повредените колеги и да помогнат да се спречат поплави со испуштање вода од браната. Двајцата пешки поминале околу 20 километри во планините околу хидроцентралата. Но, тој бил кратковид и ги изгубил очилата, поради што тешко се снаоѓал на нерамниот терен. Тие безуспешно се обидувале да испратат сигнал за помош. Луо подоцна сам отишол да бара помош и спасен е на 8 септември, откако со оган им го привлекол вниманието на спасувачите. Ган дотогаш ја напуштил својата локација. Ган истакнал дека го преживеал 17-дневното искушение пиејќи вода и јадејќи диво овошје. Тој е однесен во болница, каде лекарите констатирале дека има неколку скршеници. бд/

Остани поврзан