• недела, 24 ноември 2024

По 15-ти пат во Амбасадата на САД се одржа крводарителска акција по повод сеќавање на жртвите од нападите на 11 септември

По 15-ти пат во Амбасадата на САД се одржа крводарителска акција по повод сеќавање на жртвите од нападите на 11 септември

Скопје, 13 септември 2023 (МИА) - По 15-ти пат во американската Амбасада во Скопје се одржа крводарителска акција по повод Националниот ден на служба и сеќавање во чест на жртвите, преживеаните и сите оние кои помогнаа во справувањето со последиците од терористичките напади на 11 септември 2001 година. 

Во акцијата на дарување крв, на покана на амбасадорката на САД Анџела Агелер, учествуваа претседателот Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за финансии Фатмир Бесими, дел од дипломатскиот кор во земјава...

Дел од присутните на овој хуманитарен настан беа и премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот Пендаровски заедно со неговиот син Огнен се приклучија на дарувањето крв во сеќавање на трагичните настани од 11 септември 2001 година. 

-Благороден настан преку кој се промовира волонтерството и службата во интерес на заедницата, напиша Пендаровски на својата Фејсбук страница.

Министерот Спасовски исто така објави на Фејсбук дека на покана на амбасадорката на САД, Агелер, со задоволство учествувал во крводарителската акција во Амбасадата на САД, по повод одбележувањето на Националниот ден на служба и сеќавање во чест на жртвите, преживеаните и сите оние кои помогнаа во справувањето со последиците од ужасните терористички напади на 11 септември. -Дарувај крв – спаси живот!, напиша Спасовски.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити изјави дека ова е традиција која постојано потсетува и повикува на проактивност, солидарност и разбирање на маката на другиот.

-И оваа година акцијата е организирана за собирање крв, храна и останати намирници кои после завршување на акцијата ќе бидат доделени на семејства кои се во социјален ризик. Оваа акција е еден патоказ како треба да се движиме во смисла на манифестирање на хуманоста и солидарноста и да се потсетиме на жртвите од 2001 година на нешто што на светот му се случи и посакуваме никогаш да не се повтори, рече Саити.

Саити додаде дека Македонците се многу хумани, а тоа, вели, се докажа и со собирање помош и за настраданите во земјотресот во Турција. 

-Со парите што ги собравме учествуваме во градењето училиште во градот Малатија. Оставаме траен белег, сметаме дека ваков начин на вложување на средствата на граѓаните е добар пример затоа што секој кој ќе помине во тој град во некое време, ќе може да прочита дека народот на една мала држава учествувал во градбата на едно училиште кое ќе го носи името на Република Македонија, а училниците ќе носат имиња на градови на нашата држава, рече Саити.

Додаде дека од денешната крводарителска акција планираат да соберат околу 220 единици крв, а пред влезот на Амбасадата трае собирната акција во парични средства и во намирници, прехранбени артикли, а таа помош, како што рече, ќе најде соодветно место кај неколку семејства.

Крводарителската акција е во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и со Институтот за трансфузиологија. нд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан