• среда, 18 декември 2024

По разводот, Хју Џекмен повторно во врска

По разводот, Хју Џекмен повторно во врска

Сиднеј, 17 декември 2024 (МИА) - Папараци го снимија Хју Џекмен на плажата „Бонди“ кај неговиот роден Сиднеј. Тој, според западните медиуми, со својот атлетски изглед ги воодушеви обожавателките и обожавателите, а многумина коментираа дека можеби станува збор за областа кај луксузниот стан „Норт Бонди“, вреден 5,9 милиони долари, којшто 56-годишниот австралиски глумец во 2015 година го купи со неговата поранешна сопруга Дебора-Ли Фурнес. Инаку, според западните медиуми, парот се разделил лани, по 27 години брак.

Неодамна неговата поранешна сопруга на Инстаграм почна лавина гласини за причината за нивниот развод. Имено, прво, од нејзиниот приватен профил, таа ѝ стисна допаѓање на блогерката Таша Лустиг за видео објавено на 26 октомври. Во видеото се раскажува за наводната врска на Џекмен со неговата колешка-глумица од мјузиклот „Музичкиот човек“ (Music Man) - Сатон Фостер.

Според видеото, Хју потоа „побегнал со љубовницата“. Сатон, всушност, и самата тогаш сè уште била в брак, а неодамна поднесе барање за развод од нејзиниот сопруг Тед Грифин.

Сè тоа дополнително беше потпалено од пријателката на Фурнес, Аманда де Кадене која ја коментираше истата објава.

Неименуван извор неодамна потврди за „Ју-ес викли“ (Us Weekly) дека Хју и Сатон се во врска, и дека тоа е причината за разводите. Засегнатите двајца сè уште не ги потврдиле тие наводи.

„Многу луѓе на ‘Бродвеј’ знаеја, но не кажавме ништо бидејќи и двајцата се така добри личности. Хју има имиџ на еден од најубавите момци и џентлмени во Холивуд, па сега не знае што да прави со ова“, сведочи неименуваниот познаник.

Хју Џекмен и 12 години повозрасната Дебора-Ли Фурнес беа в брак 27 години. Се запознале во 1995 година, на снимањето на серијата „Корели“ (Correlli), а пет месеци подоцна се свршија. Потоа посвоија две деца - синот Оскар и ќерката Ава. Во октомври минатата година, со наведена причина - „секој индивидуално да се развива“ по својот пат, го објавија својот развод.  си/

Фото: ЕПА, Фејсбук

Остани поврзан