• среда, 13 ноември 2024

По повеќе од 40 години прилепската итна помош во нови простории

По повеќе од 40 години прилепската итна помош во нови простории

Прилеп, 4 август 2022 (МИА) - Од денеска прилепската служба за Итна медицинска помош е во нови простории кај Ургентниот центар во градската болница во Прилеп. Службата повеќе од 40 години работеше во стари простории, некогашното гинеколошко оддление и условите беа на работ на основни за пружање медицинска помош.

Според Кети Смилеска, директорка на општата болница со проширена надлежност сега во новите простории и со нова опрема Службата многу поефикасно ќе води грижа за пациентите.

- Од денеска Итната помош се пресели во новите простории. Имаме и нова опрема, а инвестициски уредивме и паркинг простор за пациентите. Блиску се и специјалистичките амбуланти и одделенијата што ќе значи голема голема грижа за пациентите, навремена интервенција по прегледот во итната помош, а персоналот ќе работи во соодветни услови, рече Смилеска.

Снежана Петровска, раководител на Службата за итна помош вели дека голем проблем е решен и се надева дека наскоро ќе се реши и проблемот со недостигот од лекари.

- Сега сѐ е ново, чисто, опремено. Сите знаете во какви услови  се работеше повеќе од 40 години. Ова е значајно и за персоналот, уште повеќе за пациентите кои ќе добиваат поголема грижа и медицинска помош. Се надевам дека наскоро ќе се реши и големиот проблем со недостигот од лекари. Имаме 10, ни доаѓаат со договор за платена практика, но сепак за комплетно да им излеземе во пресрет на граѓаните од Прилеп, Долнени, Кривогаштани, да се „покријат“ и теренските интервенции, ни се потребни барем уште пет лекари. Овој период има многу интервенции, преку 100 во едно деноноќие. Интервенциите се зголемени кај хроничните болни, а корона вирусот во многу ја отежнува ситуацијата, изјави Петровска.

Инаку, во моментов на Инфективното одделение во прилепската болница се хоспитализирани осум пациенти со корона вирусот со лесна клиничка слика.

Стариот објект каде беше сместена Службата за итна помош, во оваа енергетска криза за да заштеди, Болницата ќе го издава под наем. ем/сст/

Остани поврзан