• четврток, 26 декември 2024

По обезбедениот опстанок ФК Тетекс наредната сезона очекува поголема тетовска поддршка за повисоки позиции во Втората лига

По обезбедениот опстанок ФК Тетекс наредната сезона очекува поголема тетовска поддршка за повисоки позиции во Втората лига

Тетово, 15 јуни 2023 (МИА) - Раководството на фудбалскиот клуб Тетекс по изборувањето на опстанокот во Втората македонска фудбалска лига почнува нов предизвик за уште подобри резултати. Сега на патот кон нови достигнувања се надеваат на уште поголема поддршка и помош од сите во Тетово.

 

- Со силата на духот на нашите играчи и тренерскиот тим, се издигнавме над сите предизвици и со голема посветеност, преданост и талент, успеавме да го надминеме речиси секој противник што се најде на нашиот пат. Опстанувањето во Втората македонска лига претставува само почеток на новото поглавје во историјата на ФК Тетекс. Со секоја нова сезона и секој нов натпревар, ќе продолжиме да го градиме нашето име и репутација. Ќе се бориме за нови победи и успеси. За овој предизвик, потребна ќе ни биде уште поголема поддршка и помош. Затоа апелираме до сите заинтересирани поединци бизнисмени, организации, здруженија, да помогнат ФК Тетекс да се врати каде што заслужува-во Првата лига, изјави претседателот Бобан Вучевски на денешната клупска прес-конференција.

 

Потпретседателот Ивица Хаџи-Иљоски рече дека во наредниот период главна обврска и задача ќе им биде да најдат еден или повеќе главни спонзори.

 

- Со тоа би го стабилизирале Тетекс и од тоа ќе зависи како понатаму ќе функционира фудбалскиот клуб. Се надеваме дека во наредниот период ќе најдеме соодветни спонзори, имаме некои потенцијални разговори. Во меѓувреме ќе гледаме да го задржиме комплетниот играчки кадар и дополнително да се засилиме на позициите. Би сакале во наредната сезона да не бидеме во ситуација да се бориме за опстанок, туку да се бориме за првите позиции. Мислам дека ќе успееме но многу зависи од повеќе фактори особено финансиска поддршка, посочи потпретседателот.

 

Спортскиот директор Бобан Мишевски информираше дека сите фудбалери и стручниот штаб се на заслужен одмор.

 

- Кога ќе им заврши одмор, ќе се почне со нови договори, и нови засилувања на неколку позиции за една цел-борба за првите пет-шест месеци, а зошто да не и влез во Прва лига, ако се направи компактен тим. Се зависи од ако се најде стабилен спонзор, а сме во преговори со два-три досега, изјави Мишевски.

 

Екипата која ја предводеше Љупчо Марковски-Калц, преку бараж дуел и победа од 6-1 над Осогово обезбеди опстанок во Втората лига. ас/зс/

 

фото МИА

Остани поврзан