• сабота, 23 ноември 2024

По насилниот протест на опозицијата во Тирана приведени пет лица

По насилниот протест на опозицијата во Тирана приведени пет лица

Тирана, 14 јуни 2024 (МИА) - Албанската полиција приведе пет лица по нередите предизвикани на денешниот протест пред градското собрание на Тирана, организирани од демократите на Бериша, а поддржани од Партијата на слободата на Илир Мета.

Опозицијата по 12-ти пат собра приврзаници пред градското собрание, со барање за оставка на градоначалникот на Тирана Ерион Велиај, а сега и со барање за ослободување на Сали Бериша.

Но, споредено со претходните, насилното однесување на учесниците на протестот почна на самиот почеток, кога се обидоа да ја тргнат металната ограда и се судрија со полицијата.

Тие фрлаа молотови коктели кон зградата, а во рацете држеа знамиња на ДП, димни бомби и други пиротехнички средства, запалија и автомобилски гуми.

Големиот пожар беше изгаснат, а полицијата беше принудена да употреби и солзавец и водени топови.

Белинд Келичи од Демократска партија рече дека „секој што ќе ги допре средствата од даноците на граѓаните на Тирана, кој ги ограбил граѓаните, ќе се соочи со правдата и ќе оди таму каде што заслужува“.

-Демократи, не се вознемирувајте и не грижете се. Со вашата битка, со вашиот отпор успеавме да го уништиме планот на Еди Рама кој сакаше да ја остави земјата без опозиција, обвини Келичи.

Додаде дека „општина Тирана е расадник на корупцијата“, и упати повик до полицијата на Тирана да ги „уапси крадците кои се во општината и да не се осмелува да ги допираат граѓаните“. вт/мс/

 

 

 

 

Остани поврзан