• сабота, 23 ноември 2024

По комисиската расправа ребалансот на буџетот оди на пленарна седница

По комисиската расправа ребалансот на буџетот оди на пленарна седница

Скопје, 6 август 2024 (МИА) - Ребалансот на буџетот ја помина собраниската Комисија за финансирање и буџет, по што треба да добие поддршка на пленарна седница, која може да трае најмногу три дена. Општата расправа на Комисијата за ребалансот траеше три дена, а амандманската заврши вчера.

За ребалансот пратениците поднесоа вкупно 58 амадмани, дел од нив повлекоа, другите беа одбиени. Прифатени беа само два амандмана - за исплата на административците и за политичко рекламирање кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, што ги поднесоа пратениците Бојан Стојаноски и Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред завршувањето на седницата.

Стојаноски со амандманот побара 318 милиони денари за изборната администрација, а Стојаноска 32,169 милиони денари за платено политичко рекламирање.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски рече дека двата амандмана се прифатливи, зашто, објасни, се работи за исплата на законски обврски.

Според пратениците од Европски фронт ребалансот на буџетот е нелегитимен, нереален, селективен и популистички, поради што најавија дека нема да го поддржат.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ планира ребалансот на буџетот за 2024-та година да биде донесен во втората недела од август, по што, како што вели пратеникот Бојан Стојановски, ќе започне консолидацијата на затегнатите состојби.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска образложувајќи го ребалансот на собраниската Комисија, нагласи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.

Со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. дма/вг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан