• сабота, 23 ноември 2024

По заминувањето од ТИРЗ, Деспотовски нема да зема апанажа, максимално ќе се посвети на политичкиот ангажман во СДСМ

По заминувањето од ТИРЗ, Деспотовски нема да зема апанажа, максимално ќе се посвети на политичкиот ангажман во СДСМ

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - Јован Деспотовски денеска поднесе оставка од функцијата директор на ТИРЗ. Апанажа, рече, нема да зема, само нагласи дека ќе се посвети на политичкиот ангажман во партијата. Не знае, како што истакна, кој ќе дојде на неговата позиција во ТИРЗ и ги упати новинарите тоа да ја прашаат Владата.

Како што нагласи Деспотовски на брифинг со новинарите, немал никаков притисок од политичкиот опонент. Мандатот му бил до декември, но поради „новата политичка реалност“ се одлучил на ваков чекор, да поднесе оставка. 

-Немав никаков притисок од политичкиот опонент. Имам мандат до декември, но има нова политичка реалност. Ова што кулминираше деновиве, бара мој целосен ангажман. Изминативе 25 или 30 дена успеавме низ бројни средби со граѓаните, пред се членови на партијата, меѓутоа и граѓани, да поттикнеме сериозна енергија што е многу, многу важна не само за партијата, туку и за државата. Таа сериозна енергија постои, треба да расте и понатаму, затоа што сметам дека силен СДСМ не е потребен само за членовите на СДСМ, туку и за државата. Тоа го кажуваат и нашите политички опоненти. Така што, би сакал целосно да се посветам на еден ваков сериозен политички ангажман, бидејќи таков сериозен политички ангажман подразбира и бара целосна посветеност. Не може половина од денот да работам на инвестиции, а половина да работам политика. Таков сериозен политички ангажман и сериозна цел, а тоа е изградба на силна политичка опозиција или силна политичка партија што ќе биде контролор или коректив на власта, подразбира целосен ангажман. Јас треба да се вложувам и да бидам присутен целосно таму, така што во наредниот период целосно ќе се посветам на политичкиот ангажман, истакна Деспотовски.

За апанажата, смета дека не е добро функционерите по завршувањето на нивната јавна функција, да останат на товар на граѓаните.

-Не. Навистина не мислам дека е оправдано носители на јавни функции и на поголеми позиции да остануваат на товар на граѓаните. И ако сме навистина толку способни сите да обавуваат одговорни функции, навистина не мислам дека не можеме понатаму, ако сме оставиле „чист образ“, да се снајдеме и да функционираме како сите останати, потенцира Деспотовски.

Осврнувајќи се на сработеното во својот мандат како директор на ТИРЗ, информира дека зад себе остава 31 договор за инвестиции од кои 50 отсто нови вложувања, 18 илјади вработувања и нето просечна плата од над 43 илјади денари. Дополни и дека до мај во зоните имало преку 18 000 вработени, што е за 5 500 повеќе откако стапил на функцијата. Деспотовски за следните месеци најави уште неколку поголеми инвестиции. Според него, просечната плата во зоните е одамна над државниот просек. Во Буџетот за три години само од придонеси, персоналец и добивки од инвеститорите влегле 200 милиони евра, а државата на инвеститорите како помош од 2020-та до 2023 година им исплатила 50 милиони евра. За секое вложено едно евро, назад се вратени четири, што е, рече, сериозен доказ за работењето на зоните.

-Владата би требало што поскоро да создаде „контакт точка за странските инвеститори“, обединувајќи ги Дирекцијата на ТИРЗ и Агенцијата за странски инвестиции, порача Деспотовски.

Потсети и дека двете најголеми странски инвестиции од осамостојувањето до денес се случиле во неговиот мандат, „ГЕО“, 205 милиони евра и „Гересхајмер“, 190 милиони евра.  

- Следната недела делегација на ТИРЗ заминува на средби со големи јапонски компании во Лондон и Дизелдорф и очекувам дека ќе има успех во разговорите бидејќи има голем интерес од овие компании. Ова е след на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу ТИРЗ и Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО), во март во Скопје, чија цел е полесен влез на јапонските компании во земјата, како и воспоставување поблиска соработка меѓу македонските и јапонските компании, особено во делот на заеднички проекти во градежништвото и иновациите, рече Деспотовски.

На брифингот, Деспотовски истакна и дека 11 инвестициски проекти се избрани на Јавниот повик за техничка помош за развој на добавувачи на ТИРЗ наменет за македонски компании. Jавниот повик наменет за домашни средни и големи компании ТИРЗ го спроведува во партнерство со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка, а поддржани од Швајцарскиот секретаријат за економски прашања, СЕКО. Инвестициските проекти на избраните компании се од областа на металопреработувачката индустрија, автомобилска, фармацевтска, машинска, дрвна, градежништво, преработувачка и креативни индустрии. Согласно доставените проектни планови, меѓу главните цели на компаниите се унапредување на извозот, освојување нови пазари, станување дел од синџирот на снабдување кај странските компании во земјава, како и стручна експертска поддршка со цел намалување на производните трошоци што ќе овозможи зголемување на конкурентноста на надворешните пазари. мч/аа/

фото/видео: МИА 

Остани поврзан