• петок, 27 декември 2024

По две недели пауза ФФМ одлучи за претстојното коло да овозможи ПЦР-тестови и за Првата женска фудбалска лига

По две недели пауза ФФМ одлучи за претстојното коло да овозможи ПЦР-тестови и за Првата женска фудбалска лига
Скопје, 5 мај 2021 (МИА) - Колото 23 од Првата женска фудбалска лига, кое што требаше да се одигра на 21 април, а се одложи поради одлуката на Владата за задолжителен ПЦР-тест пред секој натпревар, ќе се одигра овој викенд. Две недели фудбалерките беа во неизвесност сè додека Фудбалската федерација на Македонија не одлучи да ги покрие трошоците за ПЦР-тестови и за женската лига. - Сабота се игра еден натпревар, недела се играат другите натпревари во женски фудбал, тестовите ги покрива федерацијата, велат од ФФМ за МИА. Дополнуваат дека во овој момент покривањето на трошоците е само за претстојното 23 коло. Инаку, тенденција, како што велат, е да се продолжи и ФФМ ќе ги покрие и понатамошните трошоци. Во меѓувреме Првата и Втора машка фудбалска лига се одигруваа непречено при што пред секој натпревар се тестираа играчите и службените лица. МИА претходно пишуваше за овој случај во кој што веднаш по одлуката на Владата, Ракометната, Кошаркарската и Одбојкарската федерација за МИА изјавија дека трошоците за ПЦР-тестови ќе бидат покриени и за машките и за женските лиги. ПЦР-тестови за женската лига, своевремено, не овозможи само Фудбалската федерација на Македонија. Од Владата за МИА претходно изјавија дека работат проактивно на изнаоѓање алтернативни решенија, меѓутоа, и по новите мерки и одлуки, тестирањето пред секој натпревар, кое не секој може да си го дозволи, остана задолжително. - Одлуката за задолжителни ПЦР-тестови пред секој спортски настан е донесена врз основа на предлог на Комисијата за заразни болести, која според моменталната епидемиолошка состојба советуваше дека сѐ уште има потреба од ваков вид на мерка за заштита. Секако, доколку постои друго алтернативно решение за намалување на финансискиот трошок на спортските клубови, истото ќе биде навремено искористено, информираа од Владата за МИА. На прашањето како гледаат на привремената одлука на Фудбалската федерација на Македонија за изоставување на Првата женска фудбалска лига од привилегијата да им биде овозможено ПЦР-тестирање, рамноправно, како што беше овозможено за Првата и Втора машка фудбалска лига, од Владата одговорија дека ја препознаваат родовата еднаквост како една од клучните вредности за позитивен општествен напредок. - Спортот е особено важна област каде треба да ја препознаеме и елиминираме родовата нееднаквост. Убедени сме дека фудбалерите и фудбалерките треба да имаат еднаков третман и да им се овозможат исти услови за тренинг и натпревар, вклучувајќи и рамноправна распределба на ПЦР-тестови пред натпревари, велат од Владата. Од актуелната фудбалска сезона во женската лига претстојат уште осум кола како и полуфиналето и финалето од КУП на РМ за Жени 2020/2021. ар/лв/    

Остани поврзан