• вторник, 15 октомври 2024

По вчерашните локални избори Белгија на чекор поблизу до добивање нова Влада 

По вчерашните локални избори Белгија на чекор поблизу до добивање нова Влада 

Брисел, 14 октомври 2024 (МИА) - Локалните избори, што вчера се одржаа во Белгија, се очекува да стави крај на неизвесноста околу формирањето на нова Влада во земјата што трае од парламентарните избори во јуни годинава, откако вчерашното гласање ја зацврсти позицијата на кандидатот за нов бриселски премиер и лидер на десничарската Новата фламанска алијанса (Н-ВА), Барт де Вевер, чија партија има најмногу пратеници во Федералниот парламент. 

По јунските заеднички европски, парламентарни и регионални избори во Белгија, беа формирани новите влади на регионите Валонија и Фландрија, но преговорите за формирање на нова федерална влада и на регионална влада во Брисел останаа заглавени поради, како што беше оценето, неподготвеноста на партиите да направат компромиси кои би можеле да ги ослабат нивните позиции пред локалните избори. 

На вчерашните избори, Н-ВА на Де Вевер, кој е актуелен градоначалник на Антверпен, ја потврди својата позиција како најголемата партија во Фландрија, обезбедувајќи значителна предност пред двете партии од левицата – социјалдемократската Напред (Ворујт) и екстремно левичарската Работничка партија на Белгија (ПВДА/ПТБ). 

Во Валонија, двете франкофонски партии кои се дел од преговорите за формирање нова федерална Влада – либералното Реформско движење (МР) и десно центристичката партија Посветените (ЛЕ), заедно освоија повеќе гласови од Социјалистичката партија (ПС). Првиот човек на МР, Жорж Луј Буше не успеа да го совлада социјалистичкиот градоначалник во Монс, но листата предводена од лидерот на ЛЕ и актуелен градоначалник на Намур, Максим Прево извојува убедлива победа во овој валонски град. 

Заедничката листа на МР и ЛЕ предводена од либералот Давид Вејцман успеа да освои значителен број гласови во Брисел, подобрувајќи го резултатот во однос на изборите од пред шест години, иако не успеаја да го совлада актуелниот градоначалник, социјалистот Филип Клоз. Сепак, успех за листата на МР-ЛЕ е што освои најмногу гласови во неколку бриселски општини. Пред изборите, лидерот на МР за Брисел и кандидатот за премиер на Бриселскиот регион, Давид Лестер изјави дека очекува на локалните избори да се „повторат јунските резултати и да се потврди дека постои желба за промени“. 

Ваквите изборни резултати се очекува да му овозможат на Де Вевер да и забрза тешките и долготрајни преговори за формирање на новата федерална Влада, во која покрај неговата Н-ВА, МР и ЛЕ, би требало да партиципираат уште две фламански партии – Ворујт и десно центристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ). 

Де Вевер требаше да ги заврши преговорите за формирање нова владина коалиција до 23 септември, но белгискиот крал Филип реши да му го пролонгира крајниот рок до 17 октомври, за по завршување на локалните избори. 

Инаку, по слабиот резултат на франкофонската зелена партија Еколо на јунските избори, на вчерашното гласање лошо минаа и фламанските Зелени, иако успеаја да ги зачуваат позициите само во неколку општини, пред се во Брисел.  

Од друга страна, екстремно десничарската националистичка и антимигрантска партија Фламански интерес (ВБ) првпат во историјата обезбеди градоначалничко место, откако нејзината листа освои мнозинство во Советот на Нинове, мал град во Фландрија западно од Брисел. Лидерот на ВБ, Том Ван Грикен синоќа по објавувањето на првичните изборни резултати изјави дека партијата постигнала пробив во „речиси секоја општина“, што ја прави „еден од победниците на изборите“. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан