По владините мерки, статистички во март ќе се види намалена инфлација, оцени премиерот Мицкоски
- Во март ќе има конкретен статистички показател дека има намалување на трошоците на мало по примената на владините мерки, рече премиерот Христијан Мицкоски на новинарските прашања по настан во Општина Кисела Вода. За денешниот најнов податокот од Државен завод за статистика дека има зголемување на трошоците на живот 5 отсто во февруари 2025 во однос на јануари 2024 година, потсети дека сè уште не биле спроведени владините мерки во споменатиот месец.

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Во март ќе има конкретен статистички показател дека има намалување на трошоците на мало по примената на владините мерки, рече премиерот Христијан Мицкоски на новинарските прашања по настан во Општина Кисела Вода. За денешниот најнов податокот од Државен завод за статистика дека има зголемување на трошоците на живот 5 отсто во февруари 2025 во однос на јануари 2024 година, потсети дека сè уште не биле спроведени владините мерки во споменатиот месец.
-Статистика мери трошоци на мало во првите седум и во третите седум дена од месецот кога мерките не беа аплицирани. Многу прецизно треба да ги кажуваме работите во јавноста. Веќе очекувам во март месец да имаме напредок и тука, односно намалување на трошоците. Инаку ако ги разгледаме државите во регионот ќе видиме дека ние сме тие коишто се со најмало зголемување на трошоците за живот, иако не сум задоволен. И пет проценти е нешто што е многу, рече Мицкоски.
Тој информираше дека вчера добил информација од директорот на пазарниот инспекторат дека некој од трговците не се придржуваат до мерките за маржите.
- Калкулираат маржи од 50 до 60 проценти, посебно оние коишто увезуваат овошје и зеленчук. Точно знаеме што прават и ако мислат дека на тој начин со трикови ќе се игра на оваа работа, се лажат. Нема како да сега по принципот. Целта на оваа влада се граѓаните и така ќе продолжиме да функционираме, истакна Мицкоски.
На новинарско барање Мицкоски ги коментираше и статистичките показатели на индустриското производство во јануари 2025, за што изрази задоволство бидејќи од негативниот трендови, сега состојбата е балансирана.
- После шест месеци ние успеавме да дојдеме до состојба нула. Кога велам до состојба нула, нашата стратегија беше во три чекори. Прво, слободното паѓање коешто беше јасно, граѓаните тоа го чувствуваа, да го сопреме. А потоа да дојдеме до состојба нула тоа беше втората фаза, а веќе од состојба нула да почнеме да се креваме нагоре. Некој велеа дека за да дојдеме до состојба нула можеби ќе треба година до година и пол. Јас сум навистина задоволен што еве и после шест месеци ние доаѓаме до позиција да кажеме дека конечно индустриското производство порасна овој месец јануари, за 1,4 проценти, што е добро и тоа со фокус на преработувачката индустрија. Сè уште имаме тука кај рударството и кај автомобилската индустрија опаѓање поради намалените нарачки во Германија поради кризата во автомобилската индустрија и во делот на снабдувањето со електрична енергија и климатизација, рече Мицкоски.
Тој мисли дека во следните месеци ќе се подобри состојбата, бидејќи ЕСМ е веќе консолидирана, бидејќи на покрај раст на индустриското, охрабрува опаѓањето на невработеноста и растот на вработеноста.
- Тоа значи дека бројот на вработени се зголемува, што значи тие што додаваат вредност и се трудоинтензивни се зголемува, но исто така морам да напомнам уште една работа дека за 5 отсто е зголемен извозот во јануари, нешто што не е забележано од јуни месец 2023 година. Извозот е за 5 отсто зголемен. Или ако првиот месец од првиот квартал ќе ги има овие перформанси јас очекувам во првиот квартал трендот на растот на бруто домашниот производ да продолжи и не би се изненадил ако во овој прв квартал дојдеме 4 отсто или 4,5 отсто. Така што еве можам со задоволство да кажам дека таа наша цел да дојдеме до состојба нула како влада веќе дојдовме, истакна Мицкоски.
Премиерот рече дека нема да има опуштање, ќе се следат состојбите и ќе се анализираат бројките во месеците коишто следат во насока да биде добро на граѓаните. ас/ац/
Фото: Влада