• петок, 27 декември 2024

Пошумување на опожарените површини на Осоговските Планини

Пошумување на опожарените површини на Осоговските Планини
Кочани, 2 април 2021 (МИА) – Во акција за пошумување на падините на Осоговските Планини денеска беа засадени три илјади садници багрем на површина од 1,5 хектар што настрада во големиот шумски пожар пред две години. Акцијата што се спроведе во месноста Етимија, ја организираше Општина Кочани во соработка со ЈП „Национални шуми“ и комуналното претпријатие „Водовод“, при што се вклучија и вработените во општинската администрација. -Досега на овој дел од Осоговијата реализиравме неколку акции за обновување на шумскиот појас и денешната е последна за овој период од годината со оглед што дневните температури веќе влијаат за почеток на вегетацијата на стеблата. Површините над градската депонија и во месноста Пресечена Скала се веќе пошумени, а оваа локација во близина на селото Лешки, исто така настрада во пожар, па неопходно беше расчистување на изгорените стебла и нивно обновување. По препорака на стручните лица од „Национални шуми“ решивме наместо бор да засадиме багрем, затоа што изминатите неколку децении имаме огромен проблем со боровиот четник кој ја уништува зимзелената шума, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. Додаде дека освен еколошкиот ефект од обновувањето на шумскиот појас, една од целите е и да се направи природна заштита против нелегалното исфрлање отпад и создавањето диви депонии. Пред две години на теренот каде се реализира пошумувањето, пожар зафати површина од околу 150 хектари при што и изгоре повеќедецениска борова и друга шума, а оштетени беа пчелни сандаци и помошни објекти. та/бак/  

Остани поврзан