• среда, 25 декември 2024

Поштенска марка и лого на Уставниот суд по повод 60 години од постоењето

Поштенска марка и лого на Уставниот суд по повод 60 години од постоењето

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - АД „Пошта“ од денеска ја пушта во оптек поштенската марка „60 години Уставен суд на Република Северна Македонија“. Марката е специјално изготвена по повод јубијелот од постоењето на Уставниот суд, испечатена е во тираж од 6 000 примероци и е со номинална вредност од 36 денари, а дизајнер е Стојанче Величковски.

Покрај марката, прв пат по шест децении, Судот ќе добие и свое лого - знак што ќе се употребува на сите меморандуми и дописи кои ќе бидат испраќани од оваа институција.

-Уставниот суд денеска одбележува значаен јубилеј. Пред 60 години на овој ден почна со работа и се одржа првата седница на Уставниот суд во тогашна Социјалистичка Република Македонија. Овој јубилеј е гордост за целата држава, подолг и од самостојноста на Републиката со оглед дека Уставниот суд беше еден од 6-те уставни судови на тогашна СФРЈ. Долгата традиција на постоење на Уставниот суд е доказ дека Судот го положил тестот на времето и не потклекнал на предизвиците кои се обиделе да ги поткопаат темелите на државата, демократијата и најсуштинското, владеењето на правото. За Судот, 2024 година е симбол на уставната традиција и по тој повод преку бројни активности ќе потсетува на важноста од своето постоење, истакна претседателката на Уставниот суд Добрила Кацараска на промоцијата на марката.

null

Зад Судот, додаде, е повеќе од половина век постоење, што е долга традиција.

-На барање на Уставниот суд, АД „Пошта“ од денеска ја пушта поштенската марка „60 години Уставен суд на Република Северна Македонија“. Овој навидум мал, но за нас голем и значаен детал, ќе го означи почетокот на одбележувањето на 60-годишнината која ќе продолжи да се чествува со низа активности, меѓу кои, одржување меѓународна конференција во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје со чија поддршка ќе биде издадена и монографија на Уставниот суд во која ќе се прераскажат богатата историја и традицијата на чуварот на Уставот, напомена Кацараска.

null

Издавањето на марката го поздрави и директорот на АД „Пошта“, Идриз Истрефи. 

-Ние во „Пошта“ знаеме да кажеме дека поштенските марки се мали уметнички дела, дел од историјата, но и парче хартија која го означува износот на платената поштарина, рече Истрефи.

Дизајнерот Стојанче Величковски истакна дека му било посебна чест и предизвик да ја креира марката за јубилејот на Уставниот суд. Тој изрази надеж дека ја оправдал довербата.

null

-Посебна инспирација е да се направи трајна, визуелна вредност која ќе ја препознаваат идните генерации. Кога станува збор за ваква сериозна институција, ние дизајнерите правиме многу подлабоки истражувања во кои ги вклучуваме и нардоните преданија, традиции, култура, историја, дури одиме до таму да ги проучуваме и флоралните елемтни, како и нивното значење, се што има симболика и на крај, да го визуелизираме во приказ. Нашиот македонски даб е хералдички елелемент застапен во многу држави, но кај нас има посебна тежина. Претставен е во многу митологии и преданија, како многу значајно, култно дрво околу кое се собирале и се донесувале најзначајните одлуки за семејство, за заедницата, дури и најзначајните судски одлуки. Токму дабот е ставен како флорален венец околу логото на Уставниот суд, објасни Величковски.

По повод 60-годишниот јубилеј, Уставниот суд ќе организира и крводарителска акција, ќе потпише меморандуми за соработка со домашни организации, но и ќе се ребрендира со нов веб сајт на кој, како што рече Кацарска, веќе се работи. мч/аа/

фото: МИА

Остани поврзан