• сабота, 23 ноември 2024

Почнува 63. издание на Струшките вечери на поезијата

Почнува 63. издание на Струшките вечери на поезијата

Струга, 22 август 2024 (МИА) - Со традиционалното садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2024 година, истакнатиот француски поет и драматург,  Жан Пјер Симеон, денеска во Струга почнува 63. издание на Струшките вечери на поезијата.

Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“. За отворањето на Фестивалот, директорот Тодорче Тасевски најави дека ќе има специјално подготвена сценографија, која ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена. 

Покрај лауреатот, на 63-тите Струшки вечери на поезијата свои стихови ќе читаат и добитниците на наградите „Браќа Миладиновци“ македонската поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, како и поетите Бенгт Берг од Шведска, Ана Хофман од Германија, Ѓокченур Челебиоглу од Турција, Галсансух Дежидмаа од Монголија.

Годинашното мото е „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку неговата тактилност и рељефност со допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата. 

Во рамките на програмата предвидени се меѓународни поетски читања, како и поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024. Неизоставен дел се и портретите на добитниците на „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“, како и традиционално портрет на лауреатот во црквата „Света Софија“ во Охрид.

На програмата се и чествување на годишнините на петмина македонски поети и одбележување 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, 95 години од раѓањата на Гане Тодоровски и Матеја Матевски“, како и традиционалното поетско кафе со поети од платформата Версополис. Ќе биде отворена и изложба на Литов Намдаг Јанчивин, почесен конзул на Монголија, по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Фестивалот завршува в недела на манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија, наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“„Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ на годинашните лауреати Жан Пјер Симеон, ,Катрин Пиц, Катица Ќулафкова и Филипа Сара Попова. 

Поради активностите за поставување на сценографија, од 15 часот ќе биде затворена за сообраќај улицата кеј „Борис Кидрич“ пред платото на Центарот за култура, а в недела во 12 часот ќе биде затворена улицата „Партизанска“ за свеченото затворање на манифестацијата  „Мостови“. сс/бт/

Фото: МИА Архива и СВП 

 

Остани поврзан