• петок, 27 декември 2024

Почнува 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, учествуваат 65 македонисти од 17 земји

Почнува 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, учествуваат 65 македонисти од 17 земји

Охрид, 15 август 2024 (МИА) - Под мотото „Македонистички гордорек“, од денеска во Охрид почнува 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на која ќе учествуваат 65 македонисти од 17 земји. Летната школа ќе се одржува до 29 август, а за првпат годинава ќе бидат доделени и наградите „Воздејства“.

Македонистите од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Р. Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник на 51. Меѓународна научно конференција ќе ја развиваат македонистиката како наука.

Како што е најавено, свеченото отворање на 57. Летна школа на МСМЈЛК ќе биде утре во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, на кое поздравни обраќања ќе имаат претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, ,  министерот за надворешни работи и надворешна трговија д-р Тимчо Муцунски, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска. Потоа ќе следува музички настап на проф. д-р Драган Даутовски, кој ќе свири на окарина, древен иструмент од пред 7000 години, а проф. д-р Андријана Јаневска ќе настапи со вокална изведба, по што ќе следува промоција  на Зборникот-Предавања од 56. Летна школа.

За првпат годинава, на свеченото отворање ќе бидат доделени награди „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката.

Наградите ќе им бидат доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. На отворањето ќе бидат доделени и благодарници „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката, на Општина Охрид, АД Алкалоид-Скопје, АКУД Мирче Ацев, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Перчо Божиновски заменик градоначалник на Општина Охрид, Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид-Скопје и Благоја Јованоски, директор на АКУД Мирче Ацев. 

Годинава, како што истакна директорката проф. д-р Кристина Николовска, програмата на 57. Летната школа ќе има подновен концепт со визија, со збогатени и иновативни содржини.

-Покрај редовна лекторска настава и пленарните предавања на реномираната филолошка и културолошка школа на УКИМ, од оваа година започнува амбиентална настава која ќе се одржува во срцето на градот Охрид, на изворите на сесловенската и македонската писменост. Амбиенталната перипатетичка настава „По стапките на Свети Климента“ ќе ја одржуваат проф. д-р Димитар Пандев и проф д-р Кристина Николовска, започнувајќи од манистирскиот и археолошки комплекс Плаошник, продолжувајќи во култните Спомен-куќи на: Григор Прличев, Робевци, Христо Узунов и Уранија. Амбиентална настава ќе има во Манастирот Свети Наум, и во поетска Струга во Спомен-куќата на Браќата Миладинови. Програмата предвидува и културно-историски екскурзии, како што се: посета на старото градско јадро на Охрид, патување со брод до Свети Наум, екскурзија во Струга и Вевчани, и посета на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, соопштија организаторите.

На програмата се културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и курс по македонски народни ора. Од преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите, се планира публикување на два зборника: Зборник „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот. Зборнците ќе сдоржат и две „Песнарки“  со „Кажувачки“ наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности. 

Како што е најавено, на 30 и 31 август ќе се одржи 51. Меѓународна научна конференција, со чествување на јубиларите, великани на македонската култура: Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски. Слоганот на 51. Меѓународна научна конференција „75 за 75“ е во знакот на 75 години јубилеј од основањето на УКИМ, а се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“. Годинава, на конференцијата ќа настапат 81 учесник, а на целокупната манифестација во Охрид, околу 150 македонисти ќе ја развивааат мисијата на македонистиката и Меѓународниот семинар. По конференцијата, ќе се објават и два зборника: Предавања од 57. Летна школа и Зборник од 51. Меѓународна научна конференција. Досега, на Летните школи учествувале над 4000 семинаристи македонисти од над 60 земји, а интересот за Летната школа и конференцијата е сè поголем. 

Летната школа се организира со голема подршка од ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова и Ректоратот на УКИМ. Главен финансиски поддржувач на манифестацијата е Министерството за култура и туризам, а дел од програмските активности ќе се реализирааат и со поддршка од Општина Охрид, и со други поддржувачи. 

-Македонистичкиот гордорек е градиозна мисија, со далекусежна визија, но и наш свет завет – македонистиката како наука да ја возвишиме на повисоко преку светска афирмација и третман на македонистиката како врвен национален интерес. Имаме прекрасна древна традиција, развиена наука и раскошна уметност, кои се прекрасно лице на нашата култура. Македонската култура е прекрасен изворник на врвни и драгоцени цивилизациските продобивки како што се: писменоста, просветата, науката, културата и уметноста, истакна директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска. бт/аа/

Фото: МСМЈЛК 

Остани поврзан