• среда, 25 декември 2024

Почнува 14. издание на фестивалот на народна култура „Пображење“ во Вевчани

Почнува 14. издание на фестивалот на народна култура „Пображење“ во Вевчани

Вевчани, 17 август 2024 (МИА) - Во организација на културно - уметничкото друштво „Дримкол“ денеска во Вевчани официјално ќе биде отворен 14. издание на фестивалот на народна култура „Пображење“.

Фестивалското издание почна вчера со програмската содржина „Народната култура во Вевчани - инспирација за млади уметници” во чии рамки членови на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ од Битола сликаа на различни локации низ Вевчани, по што ги изложија нивните дела на платото пред Општината. Во Мултикултурниот центар беше отворена и изложба на фотографии „Моменти“ од Антонио Стојчески.

Фестивалската програма, според претседателот на КУД „Дримкол“ Тошо Чочороски, јасно укажува на разноликоста на содржините и автентичниот концепт на фестивалот, посебноста која произлегува од Вевчани и дава за обврска се што се работи да биде во правец на тој посебен вевчански специфичен дух.

-Убаво е човек да е во Вевчани овие денови, заради големиот христијански празник „Преображение Христово”, кој е слава на нашето Вевчани, но и заради фестивалот на народна култура, кој го носи името на празникот. Се радуваме што Фестивалот е препознатлив во земјата и пошироко и претставува мегдан за изразување на уметници од повеќе области, кои ја обработуваат народната култура. Вевчани од секогаш бил достоен чувар на традицијата, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, а токму и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон богатото македонско културно наследство, изјави Чочороски.

Народната култура на својата земја, според програмата, ќе ја презентираат фолклорни ансамбли од земјава, Хрватска, Словачка, Србија и тоа: КУД „Дримкол“ - Вевчани, КУД „Краљевска ризница” - Краљево, Србија, КУД „Хрватски Железници” - Вараждин, Хрватска, КУД „Рацин” - Кичево, АНПИ „Орце Николов” - Скопје, фолклорна група „Вернар” - Вернар, Словачка, ФА „Тиквеш” - Кавадарци и КУД „Филиграни” - Охрид.

Во рамки на фестивалот оваа година ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Традицијата и современоста: Еден напред, три назад...“, на која ќе биде отворено прашањето дали македонскиот фолклор и традиција денес се движат во права насока. На дебатата ќе учествуваат универзитетските професорки Мирјана Мирчевска и Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при Природно - математичкиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” и Филип Арилон, дипломиран етнокореолог.

Фестивалот традиционално ќе заврши на празникот Преображение Христово на 19 август со концертот „Вевчанска музичка приказна” во изведба на Mарјан Јанкоски и „Поратл”.

Покровители се Министерството за култура и на Општина Вевчани. сс/вг/

Фото: КУД Дримкол

Остани поврзан