• сабота, 28 декември 2024

Почнува 12. Филозофски филмски фестивал

Почнува 12. Филозофски филмски фестивал
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) -  Со музички соло-перформанс на фронтменот на Фолтин, Бранислав Николов и со проекција на филмот „Додека трае војната“ (While at War, 2019) на Алехандро Аменабар за шпанскиот писател и философ Мигуел де Унамуно денеска почнува 12.Филозофски филмски фестивал, што ќе се одржува до 9 јуни во летното кино „Мирно лето“. Како што информираат организаторите на фестивалот, во рамки на главната програма публиката ќе може да погледне шест филмови во ревијалната програма проследени со излагач за секој филм кој ќе развие и дискусија со публиката; потоа пет филмови од долгометражната и шестнаесет филмови од краткометражната компетитивна програма. Публиката ќе може да гласа за својот омилен филм кој ќе биде во трка за наградата „Златен Був“. Во придружната програма ќе се одржат и презентација на естетичко-филмолошко истражување од страна на м-р Васил Михаил (2 јуни, 12.00, Универзитет „Еуропа Прима“), промоција на зборникот „Филозофија и филм“ (8 јуни, КИЦ) и уште еден музички настан (8 јуни, кафе-бар Мартини), каде што ќе настапи Андрија Хаџиќ (Funkier) од Србија. Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страна на фестивалот: philosophicalfilmfestival.mk. Во рамки на програмете следуваат проекцијата на шпанскиот филм „Додека трае војната“ посветен на писателот и философ Мигуел де Унамуно, како и на настаните во Шпанија во 1936 година. Како увертира на филмот, свое излагање ќе има професорката Алисиа Вилар Ескудеро (Alicia Villar Escudero) од Папскиот универзитет Комилас во Мадрид, Шпанија, а свое обраќање со анализа на филмот ќе има и Серхио Фернандез (Sergio Fernandez), шпански професор по философија. Како и Ретроспективата на Буњуел, што се одржа од 19 до 27-ми мај, така и овој настан е организиран во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје. Во свечениот дел од отворањето поздравни обраќања ќе имаат Ана Дишлиеска Митова, директорка на Фестивалот и Хосе Луис Лосано Гарсија, амбасадор на Кралството Шпанија во Скопје. Бранислав Николов е музички перформер, автор и пејач во групата Фолтин. Како дел од групата, зад себе има девет студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар „Медена Земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Со Љубов“, "Cash & Marry" и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во над дваесет земји во светот.. За својата работа досега е повеќепати наградуван. Надвор од работата во групата, одржал концерт со Македонската филхармонија и објавил две поетски збирки („Креветизам и хоризонтала“, 2018 и „Срчки“, 2020). „Додека трае војната“ (While at War, 2019, 107’) е историска драма во режија на Алехандро Аменабар базирана на вистински настани што се случуваат во првите месеци од Шпанската граѓанска војна, во летото 1936 година, кога националистите излегуваат на улиците на Саламанка за да се спротистават на новата левичарска влада. Мигуел де Унамуно, философ, писател и ректор на Универзитетот на Саламанка јавно ја поддржува воената интервенција на генералот Франко верувајќи дека тоа ќе му стави крај на хаосот во Шпанија. Откако еден по еден неговите колеги се обвинети и затворани, Унамуно верува дека може да го употреби своето влијание за ослободување на колегите. Иако е мудар и искусен, доцна сфаќа дека неговата земја влегува во фашистичкото мочуриште од кое нема да може да излезе следните неколку децении... Филмот беше прикажан на меѓународните филмски фестивали во Торонто, Сан Себастијан, Стокхолм, Токио, Солун и Москва и доби неколку награди Гоја.фф/лв/

Остани поврзан