• среда, 25 декември 2024

Почнува рочиштето: Премиер лигата го отвора „случајот Сити“

Почнува рочиштето: Премиер лигата го отвора „случајот Сити“

Лондон, 14 септември 2024 (МИА) - Долгоочекуваното рочиште во Премиер лигата за прекршувањето на 115 финансиски правила од страна на ФК Манчестер Сити ќе започне во понеделник.

Сити беше обвинет за кршење на правилата за финансиски фер-плеј во период од девет години од 2009 до 2018 година. Клубот ги отфрли сите обвинувања и освои три титули во Премиер лигата во тој период.

Премиер лигата обвини дека Манчестер Сити ги прекршил правилата девет сезони со тоа што наводно не давал точни финансиски информации, објави денеска Скај.

Меѓу обвинувањата против актуелниот шампион во Премиер лигата е дека клубот не ги открил целосно хонорарите платени на еден тренер во период од четири години. Се верува дека имало таен договор, така што еден од тренерите добивал многу повеќе пари отколку што беше официјално објавено.

Премиер лигата обвини дека Сити не ги почитувал правилата за финансискиот фер-плеј на УЕФА во период од пет години и дека клубот целосно не соработувал со истрагата на Премиер лигата.

Според правилата на Премиер лигата, казните може да бидат одземање бодови, па дури и исфрлање од лигата, иако тоа би било преголема казна. Одлуката на независната комисија тешко дека ќе биде објавена пред пролет, соопшти Скај.

Сепак, распоредот може да биде нарушен, бидејќи тоа е правен процес, независен од влијанието на Премиер лигата или Манчестер Сити.

Официјалното сослушување со независната комисија се очекува да трае до два месеца, во кое лигата и клубот ќе го изнесат својот случај. Комисијата потоа ќе седне и ќе ги разгледа доказите пред да донесе одлука. Се очекува тој процес да трае неколку месеци поради обемот на наводите и количината на информации што треба да се разгледаат.

Поради ова, се шпекулира дека одлуката нема да биде донесена пред март, но дури и ако Сити е виновен за некои или сите обвиненија, клубот најверојатно ќе поднесе жалба на одлуката, што дополнително ќе го одложи изрекувањето на пресудата.

Кога наводите беа објавени во февруари минатата година, Сити рече дека се изненадени од наводите на Премиер лигата, но дека обезбедиле „огромно количество детален материјал“ во истрагата. дс

Фото: Архива

Остани поврзан