• недела, 24 ноември 2024

Почнува проценката за обновување на опожарените пасишта во државата

Почнува проценката за обновување на опожарените пасишта во државата
Кочани, 16 август 2021 (МИА) – Претставници од Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта денеска од атарот на кочанското село Тркање го почнаа увидот на опожарените подрачја во целата држава, по што ќе се направи проценка на штетата и пресметка за потребните средства за обновување на тревните површини. Паралелно со оваа активност, ќе се инвестираат 30 милиони денари за изградба на нови поила за стоката, за набавка на опрема за довод на водата и за поставување куќички за овчарите. - По завршувањето на увидот ќе доставиме детален извештај до Владата за вкупната штета и за количините семенски материјал што е потребен за да се обноват пасиштата. Се работи за обемна задача што ќе трае до почетокот на есента, а во истиот период ќе го реализираме пилот-проектот за обезбедување нови водопоила за стоката и друга инфраструктура, а за кој тендерската постапка е во тек. Целта е да им помогнеме на сточарите во надминувањето на проблемот со недостиг од пасишта што беа оштетени од пожарите, како и од долготрајниот сушен период, истакна Виолета Илиевска, заменик директорка на Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта. Сточарите од селата Тркање и Бања се пожалија дека по опожарувањето на пасиштата се соочуваат со голем проблем за прехранување на своите стада. -Имам 400 овци чие напасување ова лето е посебно проблематично поради долготрајниот сушен период и намалената вегетација, а огнената стихија го доуништи и оној мал дел од ливадите на кои ги изнесувавме стадата. Почнавме со складирање храна за презимување на стоката, но сега се најдовме во уште потешка ситуација како на дневна основа да ги прехраниме грлата. Апелираме за каква било помош од државата за да можеме да го надминеме овој кризен период од два-три месеци, истакна Илија Стојков, сточар од село Бања. Увидот на оштетените пасишата од пожарите ќе трае до крајот на овој месец, а стручна екипа од Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта ќе направи анализа за тоа на кој терен каков вид трева треба да се засее. По завршувањето на тендерската постапка се очекува изградбата на инфраструктурата за напојување на стоката и за заштита на овчарите да се реализира во октомври. та/цр

Остани поврзан