• четврток, 26 декември 2024

Почнува проектот за реставрација на Споменикот на слободата во Кочани со финансиска поддршка од САД

Почнува проектот за реставрација на Споменикот на слободата во Кочани со финансиска поддршка од САД
Кочани, 26 август 2022 (МИА) – Со свеченост што попладнево се одржа на најголемиот мозаичен монумент на Балканот, Споменикот на слободата во Кочани, официјално беше означен почетокот на проектот за неговата рестраврација и конзервација. Проектот е финансиран со над 250 илјади американски долари од Амбасадoрскиот фонд за културна презервација на Соединетите Американски Држави. Средствата ќе бидат наменети за целосно реконструкција и обнова на споменичната архитектура, поставување нови плочки на партерот и на ѕидовите, како и конзервација на сите мозаици. На настанот присустваа амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. -Собрани сме на едно од најомилените и најпрепознатливите обележја за граѓаните на Кочани, регионот и целата држава, место под отворено небо од кое извира слобода. Споменикот или тврдината на слободата е храм на уметноста во поновата историја затоа што според својата уметничка вредност во времето во коешто е создаден им пркосел на тогашните европски норми за меморијална и монументална форма. Тој важи за еден исчекор во освојувањето на архитектонско-уметничката слобода во светски рамки. Мозаичниот приказ на академикот Глигор Чемерски, што храбро се издига над Кочани, ќе биде обновен, реставриран и реконструиран, за повторно да стане вистински репрезент на традицијата, сегашноста и иднината што се вткаени во неговата безвремена идеја и изведба, исткна министерката Костадиновска-Стојчевска. Со поддршката на Амбасадорскиот фонд за културна презервација за заштитата на Споменикот на слободата во Кочани, во практика почнува да се спроведува стратешкиот дијалог со САД во делот на културата и културното наследство, што беше министерството го потпиша во јуни годинава. Дополнително, преку интензивната соработка со Коалицијата за антиквитети на САД ќе се работи на превенција на нелегална трговија со културни добра. -Низ програмата за културна презервација Соединетите Американски Држави прават сериозни инвестиции во заштитата на познатите светски културни вредности и богатства, а јас сум посебно задоволна што од денеска ќе го помогнеме обновувањето на овој важен монумент и ќе го зачуваме за идните генерации. Ваквите проекти и активности се високо на нашата листа на приоритети, со што повторно ја реафирмираме воспоставената соработка, истакна амбасадорката Брнз. Градоначалникот Љупчо Папазов, во своето обраќање изрази благодарност до Амбасадата на САД за влогот за обновување на Споменикот, кој е ремек-дело на уметникот Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ. Споменикот на слободата е граден со средства од самопридонес на жителите на Кочани во периодот од 1975 до 1977 година, а целосно е завршен и пуштен во употреба во 1981 година. Тогашната југословенска критика го смести на пиедесталот на меморијалната архитектура во европски размери. Конзервација на дел од мозаичните фризови последен пат е направена пред дваесетина години. та/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан