• сабота, 23 ноември 2024

Почнува првиот од трите новогодишни базари во Скопје Сити мол 

Почнува првиот од трите новогодишни базари во Скопје Сити мол 

Скопје, 16 декември 2023 (МИА) - Во пресрет на новогодишните празници, во Скопје Сити мол од денеска па до крајот на месецов ќе се одржат три последователни новогодишни базари со повеќе од 90 учесници на кои ќе бидат прикажани од современи креации до традиционална храна направена од руралните жени и лица со попреченост.

Првиот новогодишен базар што ќе се одржи денеска е еднодневен саем на македонска традиционална храна „Домашно, природно, вкусно“ на кој ќе бидат изложени домашно произведени продукти направени од македонските рурални жени, млади земјоделци и лица со попреченост.

На еднодневниот настан ќе се одржи и работилница „И ние, лицата со попреченост, имаме право на еднаквост и пристап до сите услуги и можности“, за подигнување на свеста за предизвиците што ги искусуваат маргинализираните групи од руралните средини и предностите кои произлегуваат од инклузијата на жените и лицата со попреченост во социјалниот и економски живот.

На вториот базар од 17 до 20 декември преку здружението „Природен мед“ ќе се претстават поединци со пчелни производи како мед, маџун, производи направени од мед и пчелин восок, понатаму тартуфи, сокови, домашни мармалади, ладно цедени масла, ликери и природна козметика.

На третиот новогодишен базар  од 21 до 31 декември ќе се претстават над 50 современи индивидуалци – ракотворци. Посетителите ќе можат да ја почувствуваат предновогодишната магија и да уживаат во модерни брендови, кои нудат уникатни производи. Деликатно направен избор на уметници, кои храбро конципираат и компонираат иновативни креации од кожни аксесоари, чанти, шапки, накит, преку новогодишни сувенири, веганска козметика за природна нега, шарени керамички приказни, еколошки восочни обвивки, до колачиња во духот на претстојните празници, новогодишни украси, рачни везови и облеки за миленици. вј/нд/

Фото: Скопје Сити мол

Остани поврзан