• недела, 24 ноември 2024

Почнува петтото издание на „Златна рамка“

Почнува петтото издание на „Златна рамка“

Скопје, 20 април 2023 (МИА) - Вкупно 13 филмови ќе бидат прикажани на петтото издание на „Златна рамка“, ревија на македонски филмови во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). Фестивалот ќе се одржува од денеска до сабота во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар и во Кинотека.

Станува збор за филмови од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, три документарни и седум краткометражни филмови.

Исто како и минатата година, „Златна рамка 2023“ ќе продолжи со спроведување на социјалната програма „Фокус“, наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да ги посети киното „Фросина“ и Кинотека. Водејќи се од ова сознание, ДФРМ одлучи филмот да го донесе пред оние граѓани, во институциите каде што се затекнати поради најразлични околности (пензионерски домови, затвори, болници, домови за деца, казнено-поправни домови итн.).

- Филмската уметност им припаѓа на сите, без исклучок. Филмот, од самата негова појава пред речиси 130 години се до денес е постојан придружник на современиот човек, без разлика на неговиот материјален, образовен и социјален статус. Но, за жал, а особено на овие наши простори, постојат извесни групи на граѓани кои од најразлични причини се социјално маргинализирани, изолирани и спречени да восприемаат филмска уметност, што пак во современиот свет претставува елементарно човеково право, без разлика на статусот на секој еден од нас, се вели во соопштението од ДФРМ.

Годинашната „Златна рамка“ ќе биде одбележана со организација на проекции во рамки на установи и институции каде живеат или престојуваат лица што не можат да одат во кино ниту да посетат филмски фестивал или друг вид на настан. Овие дисперзирани проекции како дел од „Златна рамка 2023“, а поместени во рамките на социјалната програма во иднина ќе бидат надградени со инвентивни работилници и проекции чија крајната цел е инклузивноста на маргинализираните групи на граѓани во тековите на културниот живот.

Оваа година проекции ќе има за студентите во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ – на 20 април, за затворениците во Казнено-поправниот дом „Шутка“ на 21 април и за штитениците во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје на 22 април.

Вечер, во 18 часот, во Студентскиот дом „Гоце Делчев“ ќе бидат прикажани краткометражниот филм „Бесценета“ во режија на Дејан Јованов и долгометражниот „Мими“ режиран од Даријан Пејовски. В петок (21 април), во КПД „Шутка“ (почеток 18 часот) на програмата ќе бидат краткометражниот „Синиот час“ на Ана Јакимска и долгометражниот „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска. В сабота во Домот за стари лица „Мајка Тереза“, со почеток во 18 часот, ќе бидат прикажани краткометражните филмови „Си беше еднаш еден звук“ во режија на Огнен Шапковски и „Фениксот од Кавадарци-Васил Хаџиманов“ режиран од Мишо Нетков. мд/вг/

Фото: ДФРМ.

Остани поврзан