• среда, 25 декември 2024

Почнува нова голема операција за потрага по Медлин Мекен

Почнува нова голема операција за потрага по Медлин Мекен

Лисабон, 22 мај 2023 (МИА) – Полицијата која го истражува исчезнувањето на Медлин Мекен утре треба да изврши нови претреси на акумулацијата, кај браната Араде, која е на околу 50 километри од местото каде што пред 16 години исчезна девојчето родено во Британија.

На претресот ќе биде присутна и британската полиција, пренесуваат португалските медиуми, а истрагата на местото наводно доаѓа по барање на германската полиција, која во јуни 2020 година објави дека верува дека Медлин е мртва и оти за тоа веројатно е одговорен осомничениот Кристијан Б.

Наводно, осудениот злоставувач на деца и дилер на дрога, Кристијан Б., често го посетувал овој резервоар и моментално е во затвор за силување на 72-годишна жена во истата област во регионот Алгарве каде што исчезнала Медлин, но сè уште не е обвинет за какво било кривично дело поврзано со исчезнувањето на девојчето.

Кристијан отсекогаш негирал вмешаност во исчезнувањето на Медлин, а областа на браната Араде, наводно, веќе била претресена во 2008 година, откако португалски адвокат платил нуркачи специјалисти да ја проверат локацијата.

Адвокатот тогаш тврдеше дека од криминални контакти бил информиран дека телото на Медлин е во резервоарот, но ништо не било пронајдено при претресот. Во 2014 година имаше и претрес на областа во близина на местото каде што исчезна, откако португалските власти и дадоа дозвола на британската полиција да ја пребара областа.

Минатиот месец, германскиот суд ги отфрли дополнителните обвиненија за силување и сексуален напад против Кристијан Б. кои не се поврзани со случајот Мекен. Тој беше обвинет за три кривични дела тешко силување и две кривични дела сексуална злоупотреба на деца во Португалија во периодот од декември 2000 до јуни 2017 година.

Медлин имаше три години кога исчезна во 2007 година додека беше на одмор со семејството. Минатата година, на 15-годишнината од нејзиното исчезнување, родителите на девојчето рекоа дека е од „суштинско“ значење да се дознае вистината за тоа што се случило со нивната ќерка.

Кејт и Гери Мекен, исто така, го одбележаа 20-от роденден на Медлин претходно овој месец со ветување дека „никогаш нема да се откажат“ од нивната потрага по неа, пишува Скај Њуз. јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан