• четврток, 26 декември 2024

Почнува националната турнеја на „ET CAETERA DESUNT”

Почнува националната турнеја на „ET CAETERA DESUNT”

Скопје, 5 септември 2023 (МИА) - Со гостување во Младинскиот Културен Центар во Скопје, денеска почнува националната турнеја на „ET CAETERA DESUNT” , третиот перформанс од низата во рамките на проектот Танц.Трансформатор на Битрикс Културно-уметнички Центар.

По гостувањето во Скопје, утре ќе се одржат изведби во Центарот за култура Битола, а задутре во Н.У. Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Перформансот е резултат на едномесечната танцова резиденција на кореографката Карин Понтис од Брисел, Белгија, која беше селектиран како третиот кореограф во програмата на Танц.Трансформатор преку отворен повик на кој пристигна над 60 апликации. Таа, заедно со седумте танчари - Теодора Ежовска, Бисера Димчева, Надја Лукановска, Елена Стојкоска, Тереза Лазарев, Ивана Балабанова и Ева Џингова, во изминатите три недели работеа на оваа креација која сега ќе се прикаже во три града во С.Македонија.

„ETCAETERA DESUNT“ или во превод од латински „сето она кое е заборавено, оставено..“ ги истражува внатрешната сила, креативните дарови и мудроста кои секоја жена ги поседува, но, и припитомувањето на нејзината дива и силна природа од општеството, со цел таа соодветно да ги исполнува различните улоги, од кои дел се наметнати. Перформансот, го повикува тој закопан, жив дел од неа, полн со виталност и љубезност, преку среќавањето на повеќе жени и нивното споделување и взаемна поддршка.

Проектот „Танц.Трансформатор - Реобмислување на локалната танцова заедница“ е едногодишен проект на центарот Битрикс, кој има за цел да обезбеди континуитет на работата на локалната танцова заедница, креирајќи контекст за работа и соработка како помеѓу локалните конституенти на сцената, така и со интернационални партнери. 

Уметнички директор на проектот е Ивана Балабанова, проектен координатор Ангела Стојановска, финансиски менаџер е Павел Маслов, а креативниот тим го сочинуваат Ана Стојановска, графички дизајнер, Томислав Балабанов, веб девелопер, Мартин Михајлов, видео, Ања Калин, фотографија, Антонија Јорданоска Гугинска и Маја Ѓуреска, костимографија, Мартин Манев, сценографија и Игор Митревски, светло дизајнер.бт/са/

Фото/ Танц.Трансформатор

Остани поврзан