• среда, 25 декември 2024

Почнува муслиманскиот аџилак, се очекуваат два милиони аџии

Почнува муслиманскиот аџилак, се очекуваат два милиони аџии

Мека, 14 јуни 2024 (МИА) - Муслимани од целиот свет го започнаа денеска аџилакот во Саудиска Арабија, а властите очекуваат оваа година да се соберат два милиони луѓе, и покрај големите жештини.

По обиколката на Кааба, светата камена структура во облик на коцка во внатрешноста на Големата џамија во Мека, аџиите се упатуваат кон блиската долина Мина каде што ќе ја поминат ноќта во огромен град со шатори.

Вториот ден, тие одат на планината Арафат, на околу 20 километри источно од Мека, каде што остануваат до зајдисонце, што го сметаат за врвен момент на аџилакот.

Бидејќи се очекува температурата во Мека да достигне 43 Целзиусови степени, властите ги повикаа верниците да носат чадори за да се заштитат за време на ритуалот.

Аџилакот, еден од петте столбови на исламот, е обврска што сите муслимани мора да ја извршат еднаш во животот, под услов да се физички способни да го направат патувањето до родното место на пророкот Мухамед и доколку имаат финансиски средства.

Мажите носат бела облека без шевови, а жените широка облека, додека ги извршуваат истите ритуали како знак на религиозно единство, еднаквост и стремеж кон духовна обнова.

Аџилакот се одржува од осмиот до 12-тиот ден од последниот месец од исламскиот лунарен календар. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан