Почнува Мундобаскет 2023
- Со натпреварите меѓу Италија и Ангола, како и Финска и Австралија денес од 10 часот почнува Светското првенство во кошарка 2023 година.
Манила/Окинава, 25 август 2023 (МИА) – Со натпреварите меѓу Италија и Ангола, како и Финска и Австралија денес од 10 часот почнува Светското првенство во кошарка 2023 година.
Домаќини на годинешниот Мундобаскет се Индонезија, Јапонија и Филипините.
Триесет и две репрезентации учесници на шампионатот се поделени во осум групи. Двете најдобри од секоја група продолжуваат директно во следната рунда.
Највисок рејтинг пред почетокот на Светското првенство ужива селекцијата на САД. Во ТОП-10 се и: Германија, Франција, Шпанија, Канада, Австралија, Италија, Словенија, Србија и Доминиканска Република.
Шампионскиот трофеј од СП пред четири години го брани репрезентацијата на Шпанија.
На Мундијалот нема да играат двајца двократни МВП од НБА-лигата, Никола Јокиќ (Србија) и Јанис Адетокунбо (Грција). Во нивно отсуство, најголема ѕвезда на првенството е Словенецот Лука Дончиќ.
Со вкупно 56 играчи од најсилната кошаркарска лига – НБА, се очекува на Мундобаскет да биде прикажана атрактивна кошарка. САД имаат 12 НБА-играчи, Австралија – 9, Канада – 7, Германија – 4, Србија и Франција – по 3. Во останатите селекции се помалку од тројца.
Поради стартот на Светското првенство во кошарка, Филипини прогласи неработен ден. Во Манила, во една од најголемите сали во светот денес за натпреварот на Филипини со Доминиканска Република (14 часот) се очекуваат околу 55.000 навивачи.
Целта на домаќините е да постават рекорд по гледаност на натпреварите на ФИБА. зс/
Фото: ЕПА