• среда, 13 ноември 2024

Почнува Меѓународниот саем во Солун, вечерва ќе се обрати Мицотакис

Почнува Меѓународниот саем во Солун, вечерва ќе се обрати Мицотакис
Атина, 10 септември 2022 (МИА) – Со говор на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со низа протести и силно полициско обезбедување, денеска во Солун започнува 86-от Меѓународен саем на кој ќе учествуваат 19 земји, а Обединетите Арапски Eмирати се почесна земја, јави дописничката на МИА од Атина. Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а официјалното отворање е со говор на премиерот на Грција, кој ја соопштува владината програма и следните планови. Политичкиот дел започнува вечерва со говор на Кирјакос Мицотакис, а утре грчкиот премиер ќе ја одржи и традиционалната прес конференција. Се очекува Мицотакис да соопшти низа мерки за поддршка на граѓаните. Паралелно со говорот, закажани се и неколку протести, организирани пред се од синдикатите, кои традиционално се одржуваат, а за безбедноста во Солун, според грчките медиуми, задолжени се околу 3.500 полицајци. Меѓународниот саем ќе трае до 18 септември, а следниот викенд говор и прес конференција ќе одржи лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас. Оваа година на саемот ќе учествуваат околу 1.500 изложувачи, како од Грција, така и од 19 земји учеснички: ОАЕ, САД, Луксембург, Бангладеш, Виетнам, Индонезија, Украина, Босна и Херцеговина, Ерменија, Иран, Италија, Полска, Србија, Кипар, Грузија, Романија, Индија, Непал и Египет. ср/ссм/

Остани поврзан