• среда, 25 декември 2024

Почнува кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жените во политика“

Почнува кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жените во политика“

Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Од денеска, Националниот демократски институт (НДИ) официјално ја почнува кампањата за подигнување на јавната свест за елиминација на насилство врз жени во политиката, под слоганот „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката“. Кампањата е дел од проектот WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените, имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ), а финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна поддршка (Сида) и ќе се спроведе за време на претседателските и парламентарните избори.

Александра Цветковска, програмска директорка и тим лидерка на WoMen Lead проектот во изјава за МИА соопшти дека планирана е агресивна кампања на социјалните медиуми заради тоа што, како што рече, поле каде што се случува најмногу говорот на омраза се токму социјалните медиуми и тие што го вршат говорот на омраза многу често остануваат неказнети.

-Токму заради тоа решивме повеќе да одиме на социјални медиуми, но секако за време на кампањата ќе работиме со Работната група за родова еднаквост која е формирана од 16 членови – осум жени и осум мажи од осум политички партии, со Академијата за млади лидерки и лидери која вклучува партиски и непартиски млади. Ќе работиме и со локалните комисии за еднакви можности од 21 општина која е дел од проектот. Сакаме да видиме сопственост од страна на сите актери на кампањата. Оваа кампања да биде заедничка на политичките партии, на институциите, на граѓанските организации, а не само кампања на НДИ, рече Цветковска. 

Таа потенцира дека со медиумите ќе работат на организирање на дебатни емисии, дискусии на темата насилство врз жените во политиката.

-За жал, материјалите за кампањата нема да бидат емитувани како платена политичка програма. Секако дека ќе пристапиме до телевизиите колку е возможно да се прикажува како кампања од јавен интерес, но секако работиме со медиумите на организирање на дебатни емисии, дискусии на темата насилство врз жените во политиката. Сакаме тоа да не биде еднонасочна комуникација преку објавување или прикажување на спотови, туку комуникација меѓу политичките актери каде ќе зборуваат за проблемот со насилство но и начините на кој можеме да го елиминираме насилството, истакна Цветковска. 

НДИ и за време на Локалните избори во 2021 година реализираше ваква кампања. Податоците од кампањата за подигнување на свеста за спречување на насилство врз жени кои се занимаваат со политика, под мотото „Заокружи“ НЕ“, спроведена за време на Локалните избори 2021 година од НДИ, покажуваат дека шест од десет политичарки искусиле некаков вид на насилство. 

Според податоците од истражувањето на Национален демократски институт (НДИ), 65 проценти од испитаните политичарки во Република Северна Македонија доживеале некаков вид на насилство додека ги извршувале своите партиски функции, 54 проценти истакнале дека насилството е извршено од страна на член на нивната политичка партија, а дури 62 проценти од политичарките одбрале да не го пријават инцидентот поради недоверба во институциите. фф/нд/

Фото: МИА архива/НДИ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан