• недела, 24 ноември 2024

Почнува Делфи економскиот форум во Грција, в петок учество на претставници од Северна Македонија

Почнува Делфи економскиот форум во Грција, в петок учество на претставници од Северна Македонија

Атина, 26 април 2023 (МИА) Министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска, заменик-министерот за финансии Филип Николоски, извршниот директор на Номагас Бајрам Реџепи и поранешниот премиер Зоран Заев, на одвоени панел дискусии, в петок ќе учествуваат на осмиот Делфи економски форум во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Осмиот економски форум насловен „Paradigm Shifts“ што традиционално се одржува во грчкиот планински град со античко значење Делфи, започнува денеска и ќе трае до сабота, а во следните четири дена потврдени се над 980 говорници од над 70 земји, меѓу кои и Северна Македонија.

Економскиот форум е под покровителство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која денеска напладне и свечено ќе го отвори.

Меѓу потврдените учесници се претседателите на Кипар, Бугарија и Босна и Херцеговина, австрискиот канцелар, премиерите на Црна гора и Албанија, вицепремиери и министри од повеќе земји, претставници од Европската Унија, како и грчкиот државен врв, министри од Владата и лидери на грчките партии.

Претседателот и потпретседателот на Делфи форумот, Симеон Цомокос и Јанис Томатис на прес-конференцијата во Атина минатата седмица ги презентираа централните теми на кои ќе се фокусираат дискусиите и истакнаа дека и оваа година, ќе постои дел посветен на Балканот.

Главните теми на форумот ќе бидат геополитиката и меѓународната безбедност, климатската криза, светската економија, општеството, како и технолошкиот напредок и развој.

В петок, на третиот ден планирани се низа панели посветени на регионот, како на пример проширувањето не ЕУ, иднината на Западен Балкан, иницијативата Отворен Балкан, културното наследство во процесот на интеграција во Унија итн, на кои ќе учествуваат претставниците од Северна Македонија.

Делфи економскиот форум е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран. ср/ац/

Остани поврзан