• петок, 20 декември 2024

Почнува грејната сезона во Скопје

Почнува грејната сезона во Скопје

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) – Од денеска почнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје што ќе трае до 15 април 2025 година, со можност за продолжување уште 15 дена во зависност од надворешните температури.

Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) велат дека за време на грејната сезона снабдувачот е должен да обезбеди греење од 6:00 до 22:00 часот. Сепак, на почетокот на грејната сезона доколку има високи надворешни дневни температури,  испораката на топлинска енергија ќе се прекинува, а доколку температурите се спуштат под 15 степени Целзиусови испораката ќе продолжи. 

Од ЕСМ, пак, вчера информираа дека на барање на општина Карпош испораката на топлинска енергија за основните училишта во општината ќе почне од 1 ноември.

Пред почетокот на грејната сезона, како што посочија, во 117 објекти сè уште не се обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, од кои 25 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 23 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица, а 69 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот.

-Потрошувачите и заедниците на сопственици се замолуваат што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија. Ова вклучува плаќање на сметките за електрична енергија за топлинските станици и одржување на функционална електрична инсталација. Потрошувачите можат да проверат дали нивниот објект е на листата на моментално затворени објекти кои немаат услови за испорака на топлинска енергија. Оваа листа е достапна на линкот Затворени објекти – ЕСМ Снабдување (https://esm-snabduvanje.mk/?page_id=1348), истакнаа вчера од АД ЕСМ.

За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, како што кажаа, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.

На топловодната мрежа на ЕСМ се приклучени 63 000 потрошувачи, од кои 61 000 се снабдуваат преку новоформираните фирми на ЕСМ за Производство, Дистрибуција и Снабдување, додека 2000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ Енергетика.вј/хс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан