• четврток, 26 декември 2024

Почнуваат Деновите на медиумска писменост 2022

Почнуваат Деновите на медиумска писменост 2022
Скопје, 25 октомври 2022 (МИА) - Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски ги отвори Деновите на медиумска писменост 2022 во кои јавноста од денеска до 1 ноември ќе има можност да присуствува на работилници, дебати, видео и панел дискусии, презентации, изложби и филмски проекции. На прес-конференцијата по повод претстојните Денови на медиумска писменост, директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски, информираше дека четврта година по ред, Агенцијата и дава безрезервна поддршка на Мрежата за медиумска писменост во организација на овие денови. Темите на настаните ќе бидат најразновидни и ќе вклучуваат активности за развој на критичкото размислување без стереотипи. Преку медиумска писменост до образовани млади генерации ослободени од предрасуди, различностите и дезинформациите во Западен Балкан, идната генерација во ерата на дезинформациите, техники на новинарско пишување и препознавање дезинформации, како медиумите известуваат за младите на маргините, моралната паника и претставата на ЛГБТИ во медиумите и какви се медиумските потреби на лицата со попреченост, се дел од темите што ќе бидат опфатени. Оваа година за првпат во рамки на Деновите е вклучена филмска програма која е поделена во два дела. - Едниот дел од програмата е наменет за лица со попреченост, кои со бесплатни билети ќе можат да следат филмови од редовниот репертоар на кината Милениум и Синеплекс во период од 23 октомври до 1 ноември, и во Кинотека на РСМ за филмовите на 25, 26, 28 и 29 октомври. Билетите задолжително треба да се резервираат на билетарниците еден ден однапред, информираше Трајчевски. Вториот дел од програмата вклучува бесплатно прикажување на тематски филмови наменети за деца од основните училишта од 6-то до 9-то одделение. Станува збор за филмовите „Брат ми брка диносауруси“ чија тема е живот на и со лице со Даунов синдром, „Хакер“, кој се однесува на видео игрите и „Кариран нинџа“ во кој се обработува прашањето на булингот. Проекциите ќе бидат во кината Милениум, Синеплекс и Кинотека на РСМ, а филмовите се обезбедени од дистрибутерската куќа Катавеј. Мотото на годинашните Денови на медиумска писменост 2022 е „Размислувај критички, состави ја целата приказна“. Преку организација на овие настани, државата се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, чиешто мото е „Негување доверба: Императив за медиумската и информациската писменост“. ар/бак/

Остани поврзан