• петок, 27 декември 2024

Почна средбата на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди за новата влада

Почна средбата на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди за новата влада

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата Вреди попладнево одржуваат средба на ниво на работни групи за преговори за формирање коалиција за нова влада по изборите што се одржаа на 8 мај.

Првата средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и на Вреди се одржува во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а на неа, како што изјави пред почетокот на разговорите Азир Алиу од Алијанса на Албанците, ќе се разговара за методологијата и динамиката на работа на овие групи.

Одговарајќи на новинарски прашања Алиу речи дека најверојатно од наредниот состанок на работните групи  ќе почнат поконкретните разговори вклучувајќи ги и кадровските решенија.

За тоа дали се точни информациите дека бројот на пратеници на коалицијата Вреди би се зголемил, Алиу рече дека тоа сега засега се шпекулации.

Алиу на состанокот на работните групи во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ дојде заедно со другите членови на работната група од оваа коалиција. Според информациите на ВМРО-ДПМНЕ, членови на работната група од нивна страна се потпретседателите на партијата Владо Мисајловски, Александар Николовски, Тимчо Муцунски и Гордана Димитровска Кочовска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателите и првите луѓе од партиите од коалицијата Вреди Изет Меџити, Африм Гаши и Арбен Таравари имаа средба во саботата во седиштето на коалицијата Вреди кога и официјално почнаа разговорите за формирање влада.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата ВЛЕН, 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.ев/лв/

фото: МИА 

Остани поврзан