• четврток, 26 декември 2024

Почна со работа првото јавно претпријатие за развојни проекти во Општина Аеродром

Почна со работа првото јавно претпријатие за развојни проекти во Општина Аеродром
Скопје, 14 јули 2021 (МИА) - Општина Аеродром денеска го промовираше Јавното претпријатие за развојни проекти и првите два проекта за фотоволтаични термални системи и за управување со органски отпад. Целта за формирање на ова претпријатие е реализација на проекти во рамки на стратегијата „Аеродром – прва општина со европско знаменце“. Како што информира в.д. директорот, Владимир Стевков, станува збор за прво јавно претпријатие од ваков тип во земјава и веќе се избрани членовите на Управниот и Надзорниот одбор. -Претпријатието веќе е во функција и денеска ги промовиравме првите два проектиаво интерес на жителите на Општина Аеродром. Исто така, работиме на нови европски проекти кои набрзо ќе почнат со реализација, а истовремено ги повикуваме заинтересираните компании и граѓани да аплицираат со нови идеи, изјави Стевков. Проф. д-р Илија Насов кој денеска го претстави проектот „Хибридни фотоволтаични термални системи“ порача дека енергетската ефикасност е значајна цел за Општина Аеродром. -Со поставување на овие фотоволтаици инвестицијата се враќа за пет до пет и пол години, а потоа уште 20 години се добива бесплатна енергија. Најболното прашање е што во Македонија не се искористени термалната енергија и сите други капацитети што ги поседува. Затоа треба да се подигне свеста, но и државата да вложува преку субвенции, изјави Насов. Наталија Бургиева од „Мама органа“ информираше дека според статистиката, повеќе од 60 отсто од вкупниот отпад во урбаните средини припаѓаат на т.н. биоотпад. -Слична е ситуацијата и во Општина Аеродром. Општината досега со овој тип на отпад се справувала на конзервативен начин, односно со одложување на градска депонија, посочи Бургиева. Таа додаде дека преку проектот, биоотпадот не само што нема да загадува и да создава трошоци, туку ќе креира и дополнителна вредност на високонутритивно ѓубриво (компост), кое може да се употребува во земјоделието и хортикултурата. Од општината информираат дека проектот директно ќе влијае на намалување на обемот на отпадот во општината, намалување на трошоците за одлагање и транспорт, намалувањето на количината на стакленички гасови во атмосферата, а воедно општината ќе се доближи и кон целта „Нула отпад“.бт/лв/

Тагови

Остани поврзан