• петок, 27 декември 2024

Почна состанокот на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони

Почна состанокот на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони

Скопје, 11 септември 2023 (МИА) - Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите се во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони што почна претпладнево во Скопје.

На состанокот, покрај домаќинот Стево Пендаровски, учествуваат и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во улога на ко-домаќини, како и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Пред официјалниот почеток на состанокот, Пендаровски оствари билатерални средби со косовската претседателка Османи и со претседателот на Албанија Бегај.

Во тек е пленарен состанок на лидерите учеснички на процесот брдо Бриони, по што ќе следи заедничка прес-конференција на Пендаровски, Пирц Мусар и Милановиќ.

Пред одржувањето на состанокот, Милановиќ, како што пренесуваат дел од медиумите, изјавил дека се надева оти средбата во Скопје нема да заврши како претходните две во „кавга меѓу раштимани инструменти“ и кршење копја при усвојувањето завршна декларација.

На минатогодишниот самит конечната декларација не беше усвоена бидејќи хрватскиот претседател побара во документот да се спомене уставот на трите народи во Босна и Херцеговина, што не беше договорено од двајца членови на нејзиното Претседателство.

Една година пред тоа учесниците прифатија само компромисен текст на завршната изјава поради расправиите меѓу косовската претседателка, Вјоса Османи, и српскиот лидер, Александар Вучиќ.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно. На состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во хотелот „Хилтон“ во Скопје, се присутни околу стотина претставници на медиумите, од нашата држава и од странство. нд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан