• сабота, 28 декември 2024

Почна седницата на Советот на јавни обвинители за суспензијата на обвинителката Вилма Русковска

Почна седницата на Советот на јавни обвинители за суспензијата на обвинителката Вилма Русковска
Скопје, 24 август 2022 (МИА) - Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија ја почна 63-тата седница, на чиј дневен ред е жалбата за суспензијата на обвинителката Вилма Русковска. На дневен ред, како прва точка е „разгледување и решавање по жалбата СОЖ бр.5/22 на јавниот обвинител на ОЈО ГОКК, г-ѓа Вилма Русковска“. На почетокот, седницата беше затворена за јавноста, за како што појасни претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски, заштита на интегритетот на сите јавните обвинители и предметите, кои се дел од списите. Од одлуката на Советот на ЈО зависи дали Русковска ќе се врати или ќе остане оддалечена од работното место. Советот работи ќе одлучува со осум од 11 члена, бидејќи двајца се пензионирани и се уште нема избрано, а обвинителот Љубомир Јовески не присуствува поради конфликт на интереси. Републичкиот јавен обвинител, Јовески врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, минатата недела донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција. Обвинителката Вилма Русковска, минатата недела поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. Со жалбата, како што појасни Русковска, таа ги побива наводите во решението и „ова го смета за суспензија на правото и суспендирање на правдата“. аа/дма/

Остани поврзан