• понеделник, 23 декември 2024

Почна садењето лути пиперки во струмичко Банско

Почна садењето лути пиперки во струмичко Банско

Струмица, 3 јануари 2024 (МИА) - Почна садењето на лути пиперки во пластениците во струмичко Банско со што се означува почетокот на производство на оваа градинарска култура, која стасува кон крајот на февруари и почетокот на март и е меѓу првите кои се нудат на пазарот од годинашната реколта.

Заради затоплувањето на пластениците со топла вода од термалните извори во близина на селото, производството стасува порано и е поисплатливо од другите начини на раноградинарско производство за кои се користат други извори на затоплување.

-Од крајот на минатиот месец се засадува лутата пиперка во пластениците. Со берба треба да почнеме на почетокот на март и се надевам дека ќе бидеме задоволни од цената и пласманот, како што беше и ланската производствена сезона, но очекувам и трговците годинава да бидат коректни и навреме да го плаќат откупеното, информира Даме Тренчовски производител на лути пиперки.

Според него, годинава производството ќе биде помало во споредба со лани, бидејќи се намалува бројот на земјоделците и површините на кои се одгледува лута пиперка, но и заради иселувањето од овој крај.

-Досега секоја година се зголемуваше производството, но годинава лутата пиперка ќе ја дели судбината на други градинарски култури чие производство од година во година се намалува, смета Тренчовски.

Деновиве во Струмичко интензивно се расадува и пролетната зелка во пластениците, иако одредени сорти од неа заради климатските приспособувања се одгледуваат во текот на целата година. Според производителите, зелката ќе биде засеана на незначително поголеми површини од лани. рт/сст/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан