• петок, 27 декември 2024

Почна реконструкцијата на спомениците од НОБ, саниран Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата во Штип

Почна реконструкцијата на спомениците од НОБ, саниран Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата во Штип

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Министерството за култура, преку надлежните заводи и музеи, почна со реконструкција и санација на сите споменици и спомен-обележја од Народно-ослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани коишто се случиле во НОБ и се сведоштво за непокорот и борбата за слобода.

- Како проект на Владата предвиден со Буџетот за оваа година, иако согласно Законот за меморијални споменици и спомен-обележја се надлежни општините, односно Град Скопје, Владата го задолжи Министерството за култура во соработка со надлежните да се реконструираат сите овие споменици и спомен-обележја кои се силен белег на македонската државност и историја, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Во моментов, Завод и музеј-Штип, со средства од Министерството за култура, го санираше искучително значајното дело Меморијален комплекс на паднатите борци на револуцијата, кој е поставен на источната страна на археолошкиот локалитет „Исар“.

Станува збор за архитектонско-скулптурално дело од артитектот Богдан Богдановиќ, еден од најпознатите архитекти на дваесеттиот век, кој оставил силен печат на уметничкото и архитектонското наследство на некогашна Југославија.

Делото на Богдановиќ (роден 20 август 1922 година во Белград, починал 18 јуни 2010 во Виена) било избрано на конкурс со цел да се одбележи сеќавањето на загинатите партизански војници и цивили во Штип и Штипско за време на Втората светска војна, како чин на комеморација.

За завршувањето на споменичкиот комплекс во Штип на авторот му биле потребни пет години, а неговата свечена инагурација била извршена на Денот на ослободувањето на Штип, 8 ноември 1974 година.

- Екипите од Штипскиот музеј во изминатиот период ги отстранија нечистотиите, вегетацијата, бројните графити на сите делови од комплексот со што се сочуваа изворните, историските, урбанистичко-архитектонските и естетските вредности на делото и се овозможи негово користење за туристички, културни и други активности, се наведува во соопштението.

Во овој меморијален комплекс подигнат во чест на паднатите борци во Народно-ослободителната војна, се одбележуваат неколку датуми со учество на делегации, учесници во војната и граѓани, со положување на цвеќе и комеморација. На комплексот се одбележуваат: 11 Октомври, Денот на почетокот на Народното востание во Македонија, 8 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Штип и 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. мд/сп/

Фото: Министерство за култура 

Остани поврзан