• четврток, 26 декември 2024

Почна проект за заштита на биодиверзитетот на флората и фауната на Шар Планината

Почна проект за заштита на биодиверзитетот на флората и фауната на Шар Планината

Тетово, 16 октомври 2024 (МИА) - Здружението за култура и уметност „Традита“ – Тетово во рамките на проектот „ Одржливо користење на природните ресурси (Кораб-Коритник – Шар Планина и Албанските Алпи), ги реализира проектни активности насловени „Заштита на биодиверзитетот на флората и фауната на Шар Планината – општествен императив“.  Во рамките на првата фаза предвидени се трибини со ученици од основни и средни училишта во општините Тетово, Теарце и Боговиње.

Откако во септември се одржа трибина во средното училиште „8 Септември“, денеска се организираше трибина пред учениците во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце. Во ноември ќе има иста активност во училиште во рамки на Општина Боговиње.

-Проектот има за цел професионално-научно информирање за флората и фауната, подигнување на свеста во општеството за важноста од заштитата на биодиверзитетот, запирање на сечењето и секое друго оштетување на шумите, пошумување на уништените шуми, како и заштита на животинскиот свет, истакна претседателот на Здружението „Традита“, Селам Сулејмани.

Агрон Салихи, во својство на експерт, посочи дека биодиверзитетот е еден од најголемите глобални проблеми. Се проценува дека тековниот тренд на закани за екосистемите на природата, претставува ризик за иднината на човештвото и може да предизвика сериозни последици во природата.

-Според најновите научни податоци, од 1992 година, кога се одржа Самитот во Рио, околу 11,4% од недопрените природни средини во светот се изменети од човекот. Се претпоставува дека само во последните 50 години, човечките активности го променија биодиверзитетот на планетата повеќе од секоја друга етапа од историјата на човештвото. Експертите проценуваат дека доколку продолжи овој тренд, загубата на биодиверзитетот ќе има фатални последици за човештвото. Најновите научни проценки предвидуваат дека со сегашните стапки на уништување на шумите, во следните 25 до 30 години може да исчезнат до 10% од видовите познати на планетата, истакна Агрон Салихи.

Во завршниот дел од неговото предавање пред учениците, тој рече дека последиците од оваа загуба ќе се одразат и врз глобалната економија и општествениот развој во целина, имајќи предвид дека околу 40% од светската економија и 80% од човечките потреби се задоволуваат од биолошките ресурси.

Во втората фаза од проектот се предвидува продолжување во јануари 2025 со креирање видео материјали со кои ќе се продолжи со сензибилизирање на локалното население за значењето на биодиверзитетот.

-Во деловите каде што има дива сеча на Шар Планина ќе се оди со садење на дрвја и тоа ќе биде поголем настан што ќе биде во март 2025 година како главен настан, посочи Сулејмани.

Завршната фаза е предвидена во април 2025 кога треба да се одржи конференција со повеќе чинители и научни експерти со што организаторите очекуваат и од научен карактер да се придонесе за заштита на Шар Планина. ас/сст/

фото Здружение Традита 

Остани поврзан