• четврток, 28 ноември 2024

Почна продажбата на билети за фестивалот „Денови на комедија“ во Куманово

Почна продажбата на билети за фестивалот „Денови на комедија“  во Куманово

Куманово, 23 септември 2023 (МИА) - Почна продажбата на билетите за фестивалот „Денови на комедија“, соопштија денеска надлежните од Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово. На фестивалот ќе бидат прикажани единаесет претстави од театри од државата и соседните земји.

Продажбата е исклучиво на билетарницата, онлајн продажбата нема да се спроведе поради сметките за провизија кои би ја зголемиле цената за билетите која изнесува 200 денари.

-Поради големиот интерес остануваме на воспоставениот принцип на работа последниве неколку години, нема гратис карти, не примаме резервации, ограничен е бројот на две карти, изјави директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.

Фестивалот ќе почне на 27 октомври, со „Синиот портокал“ на велешкиот театар, следуваат „Ле кретен“ од Штип, „Приказна за театарот“ од Пирот, Србија, „Три и пол сестри“ од Винковци, Хрватска, „Илуминати“ на Театар комедија од Скопје, „Чекајќи го лекарот“ од Лесковац, Србија. Публиката ќе ја проследи и претставата „Граѓанинот благородник“ на тетовскиот театар, „Седумте стола“ на гостите од Ловеч, Бугарија, „Кафез со кокони“ на Драмскиот театар.

Како и претходните, и годинава фестивалот ќе го затвори кумановскиот театар со „Љубовна терапија“. На 15 октомври ќе биде прикажана „Обвинителка“ и ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, за машка и женска улога, споредна улога, сценографија, костимографија и во други категории.

Министерството за култура за фестивалот обезбеди 600.000, а Општина Куманово 250 илјади денари. Фестивалот секоја година има поддршка од локалната бизнис-заедница од Куманово. ам/хс/

Фото: НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

Остани поврзан