• среда, 25 декември 2024

Почна пријавувањето за трката во планиско трчање „Охрид Ултра-Треил®“

Почна пријавувањето за трката во планиско трчање „Охрид Ултра-Треил®“
Охрид, 19 август 2020 (МИА) – Сите заинтересирани за учество во трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил® можат да се пријават на www.ohridtrail.mк Трката се одржи од 18-20 септември 2020 година во Националниот Парк Галичица, Преспанско-Охридскиот регион. Пријавувањето трае до 7 септември. - Ова е второ издание на Охрид Ултра-Треил® кое го сочинуваат три планински трки со различни должини од 18 км., 66 км., а новина е трката од 107 км. што ја сместува во „посебната“ група на спортски настани со ултра-дистанци привлекувајќи професионални планински тркачи од цела Европа воедно поттикнувајќи ги домашните натпреварувачи да постигнат значаен меѓународен успех, појаснува директорот на настанот Дејан Крле. „Стотката“, како што планинските тркачи ја нарекуваат жаргонски, започнува од Кејот Македонија во центарот на Охрид, во 23 часот на 18 септември, петок. Натпреварувачите втрчуваат во оваа авантура најпрво низ стариот дел на градот - варошот, преку Самоиловата тврдина па покрај туристичкиот симбол на нашата земја - Канео. Потоа, во текот на ноќта минуваат по макадамски патишта во пониските делови на планината Галичица низ сите села и населби кон живописниот манастир Св.Наум на јужната страна на брегот од Охридското Езеро. Таму, во рана зора, на 19 септември, на изворите на реката Црн Дрим, им се придружуваат учесниците кои стартуваат на втората трка „Галичица Ултра“ од 66 км. Заедничката маршрута го следи главното било во срцето на Националниот Парк Галичица, откривајќи чудесни пејсажи кон двете езера Преспанското и Охридското – истовремено. Третата трка – „Летница Треил“ – стартува во 10 часот во сабота на 19 септември од селото Рамне и е со должина од 18 км. Маршрутите на сите трки се соединуваат над селото Велестово и сите планински тркачи пристигнуваат, еден по друг, во текот на целиот ден, на целта во Охрид на Кејот Македонија. Охрид Ултра-Треил® е меѓународна планинска трка која каде сите кои ќе ја завршат се стекнуваат со квалификациски поени за најпозната светска трка во планинско трчање „Ultra Trail du Mont Blanc®“ на Алпите. зс/

Остани поврзан